уторак, 23. јул 2013.

Живиот споменик прозборе: Скопје заборави!

Им предложив на моиве комшии, за деновиве, пред денот кога пред 50 години имаше голем земјотрес во Скопје, да организираме протестен настан под мотото: Скопје не се сеќава...

Истo онаков “хепенинг“, каков што го организиравме на почетокот од градбата на куќата пред Споменикот, куќата што е наменета да го рашири патот во започнатиот процес на рушење на Споменикот... (види: Борба со Наивноста и Полните празнини)

Но тие само бледо ме погледнаа и ...

Продолжија со остварување на своите одамна веќе зацртани животни планови, а тие планови, во овие летни денови, за секој од нив вклучуваат напуштање на овој град, на својот дом и заминување некаде - кој колку може подалеку - во земјите кои нудат материјализација на сонот што сите ние, денешни смртници, си го нарекуваме - летување.

Така јас и уште неколку - малкумина - преостанати комшии сме “последните Мохиканци“ што останаа да протестираат на блокадата кај Споменикот, блокада која стана толку лесно минлива низ бројните дупки, што на вредните градители им овозможи да ни ја пружат оваа глетка:


Не само што нема организатори на мирен протест кои со музичка приредба и пригодни говори ќе ја одбележат 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес, што градот Скопје за неколку минути го претвори во рушевини, туку сигурно немаше да има ниту публика - затоа што овој Вирус-На-Летување и неговиот симптом: бегство од Скопје, секоја година кај скопјаниве, во овој период, постигнува заразност од алармантно големи размери...

Речиси секој втор е заболен - особено тешко им е, на оние пациенти кои сметаат дека немаат услови (читај: пари) да заминат некаде од каде што започнал животот на оваа планета (брег на некој океан, на море, или барем на езеро) или пак почнал животот на некоја од древните цивилизации (Грчката, Римската, Индиската итн. итн.)

Јас не верувам, да ви кажам искрено, дека имам некој специјален имунитет кон вирусот што ја шири оваа зараза. Повеќе, би рекол дека и јас сум зафатен, но кај мене заразава се манифестира асимптоматски.

И јас ја добивам истата јанза за напуштање на градов, но кај мене тоа напуштање е поинакво, и денес, решив навистина да станам она што реков дека сум, на минатиот протестен митинг кај мексиканскиот Споменик - храбро решив да станам жив споменик!

Photo by Iva Skenderova.

Ќе се обидам да бидам портпарол на стилизираната мексиканска пирамида - единствената, се уште постоечка, амбасада на древните мексикански култури во нашава држава.

Photo by Iva Skenderova.
Не ми требаше ништо специјално, како што пишуваше Кастанеда дека на денешните Мексиканци им треба (пејотл или татула) за да воспостват врска со духовите на своите предци (Олмеци, Маји, Толтеци, Астеки,...) - доволни ми беа само овие специјални, зелени круши собрани од местото наречено Побожје, на падините од планината северно од Скопје.


Крушиве треба да се јадат полека, со многу долго џвакање, не само заради тоа залците да не ви застанат в грло, туку и за максимално да се извлече моќта на нивниот сок, и за нивното дејство да биде целосно, треба да се јадат заедно со семките.

И така, додека зобев од овие Побожјански круши, полека почувствував како, со нивниот опорен вкус низ моите вени се разлева некоја, од порано невидена топлина - навистина ми се стори како да станав глас на Мексиканскиот споменик...

Photo by Iva Skenderova.
И така, ви велам, пред да западнам во транс, решив дека најдобро место за мене ќе биде да се поставам во еден маѓичен агол на мојата мексиканска барака, веднаш до пуштениот компјутер - за кога ќе се разбудам - да кликнам само на копчето Save и така да си ги зачувам белешките што во транс сум ги отчукал на тастатурата во програмата Notepad...

И така и бидна...

Еве што сум напишал во транс потпомогнат од сокот, месото и семките на зелените круши од Побожје:

Photo by Iva Skenderova.
Јас, народе скопски, во вашиот град дојдов како гласник на предците на народите што живеат на делот од оваа планета што го нарекувате Мексико.
Целта на моето доаѓање беше да ви пружам рака во време кога вие сте искусиле само мал дел од трагедијата и маката што требаше да ги снајде и навистина ги снајде моите луѓе (1985), за потоа и вие ним да им возвратите, но и за да ве потсетувам дека иста таква мака и вас во иднината ве очекува.

      Еве ја мојата приказна:


Photo by Iva Skenderova.
Се започна во 1963, поточно на 29-ти март кога за прв пат на аеродромот во Белград стапна ногата на еден мексикански претседател на тлото на тогашната Титова Југославија, во чии рамки спаѓаше тогаш и вашава држава (Македонија) па и овој град (Скопје).
Овој наш мексикански претседател беше задоен со идејата за вистинска независност на Мексико, и дојде кај вашиот тогашен владетел Тито, да побара истомисленик и да се обиде да направи мост меѓу повеќето народи на двете земји.

Извор: Corbis Images. Југословенскиот претседател Јосип Броз Тито (лево) му го чита официјалното писмо за добредојде на мексиканскиот претседател Адолфо Лопес Матеос (десно). 29 март 1963 год.
Надалеку беше познато и признато делото на вашиот владетел Тито и уште од дома претседателот Адолфо Лопез Матеос (Adolfo Lopes Mateos), со себе го понесе најголемиот орден што неговата држава можеше да му го додели на еден странец: Орденот на Астечки орел.
Вашиот владетел Тито му приреди на претседателот Адолфо Лопез Матеос навистина достоинствен и велелепен пречек. Секоја чест.


Но, не треба да го обвинувате Матеос што од вашите побара да го види најголемиот музеј каде е изложена приказната за вашата култура! Тоа го побара затоа што тој како и неговиот пријател-архитект и урбанист Педро Рамирез Васкез (Pedro Ramírez Vázquez), во тоа време веруваа дека најголемите достигнувања на архитектите и државниците од тоа време треба да се токму музеите.
Малку беше разочаран нашиот прв претседател-пратеник од скромниот музеј на современата уметност што му го прикажавте - но, затоа пак, и-тоа-како беше импресиониран од топлиот дочек, и огромниот број луѓе што го пречекаа од двете страни на улиците додека со вашиот претседател Тито тој се движеше низ улиците на Белград.
Такво нешто во некоја туѓа земја, уште и на друг континент, нему никогаш порано не му се беше случило!
Неколку месеци потоа вам ви се случи катастрофата со земјотресот.
Нашиот амбасадор Делфин Санчез Хуарез (Delfin Sanchez Juarez Lazo) не информираше за таа ваша несреќа.
Амбасадорот дојде на лице место и се увери лично во маките што вас ве снајдоа. Тоа искуство за него (потоа тој стана еден од нашите најграндиозни поети) беше толку впечатливо што напиша и подоцна објави (во 1968) свое историско дело: “Повици од пепелта: Скопскиот живот, смрт, и воскрсението на еден град“.
Како и да е, јас немаше никогаш да бидам тука да не беше возвратната 13-дневна посета на Мексико, на тогашниот ваш владетел Јосип Броз Тито, во октомври, истата таа 1963 година.


И Тито го посетил Скопје после земјотресот и на нашиот претседател Матеос му ја потврди информацијата за страшната судбина на вашиов град, но и за неговата решеност Скопје од темел да се обнови.
Скопје може и треба да стане град на светската солидарност, му кажа Тито на домаќинот Матеос!

Тито беше пречекан од повеќе од 150 000 мексиканци и беше затрупан од конфети на дочекот при својата возвратна посета на Мексико во почетокот на октомври, таа 1963 година.
Тогаш нашиот претседател Адолфо Лопез Матеос му откри на Тито дека тој има свој пријател, врвен архитект и експерт за анти-земјотресен урбанизам и архитектура - и дека, во знак на пријателство и солидарност меѓу двете држави, покрај ангажманот на неговата сопруга околу друг вид на помош, нему ќе му наложи да дизајнира, направи и потоа испрати 20 монтажни анти-земјотресни бараки - за да се помогне во решавањето на огромниот итен проблем со сместувањето на преживеаните скопјани.
Тоа нема да биде голема работа за него, му рече Матеос на Тито. Тој сега, со огромен ентузијазам го реализира грандиозниот План за националните музеи, меѓу кои е и Музејот на антропологијата, музеј што и денес, речиси 50-тина години од неговото отворање е посетуван од илијадници луѓе секојдневно.
Само ќе треба да ги преработи своите веќе постоечки проекти за монтажни училишта, во проекти за монтажни бараки.
Да. Јас сум дело на еден од најголемите мексикански и светски архитекти-урбанисти: Педро Рамирез Васкез.


Може тоа лесно да се согледа и од било кој лаик - од стилот со кој сум направен.
Мојот креатор не само што ги создаде најпознатите музеи, стадиони и цркви во Мексико, туку создаваше и вистински разнонаменски простори за собирање на луѓето, токму како што беше создаден и овој ваш скопски просторен меморијален парк на чиј врв сум јас: стилизирана пирамида со спомен плоча и негов текст (преведен на тогашниот официјален српски јазик)!
Овој простор требаше да биде и ваш заеднички двор! На сите вас, 20-тина семејства што бевте сместени да живеете во монтажните мексикански бараки.

Мексиканските бараки беа со комплетна внатрешна опрема - санитарии, кујни, светилки, печки, итн. итн,
Оригиналните железни лизгалици, клацкалици, рингишпили и други детски реквизити бргу беа уништени од нападите на орди од деца од целото Скопје.

Јас и помалиот брат, пред дел од споменикот а на просторот околу него - пред да бидат изградени зградите на Партизанска.

Мене воопшто не ми е чудно што мојот идеен творец, Васкез, почина оваа пролет, само неколку дена пред Вашиот општински владетел да го потпише одобрението за почеток на моето уништување, а всушност уништување на неговото дело за помен на солидарноста во невоља и за помен на пријателството меѓу народите на нашите две држави!
Чудно ли ви е тоа на вас?!

Скопје заборави!
Скопје заборави!
Скопје заборави!

Или повторував јас, или пак овие зборови само мене ми одекнуваа во главата, зашеметена од изедените зелени побожјански круши!

Потоа го здогледав ова подолу и почнав неконтролирано и застрашувачки да се кикотам...
“Комерцијален текст: Скопје, градот во кој што сме ги научиле првите зборови, сме ги направиле првите чекори и сме ги бакнале првите симпатии. Градот што го спојуваме со многу среќни сеќавањa, пред 50 години доживеа катастрофален земјотрес, но продолжи да живее.“

А фактички продолжи да заборава!
Затоа што делата и зборовите треба да се едно! 
Како што делата на нашата солидарност со вашата несреќа, се едно со зборовите на мојава спомен-плоча (на самиот крај од овој пост: Земјотресот во Скопје и грдото лице на нашата корупција во урбанизмот).
А вашите зборови и вашите дела, драги мои денешни Скопјани, се раскарани и говорат сосема спротивно!
Отворете очи, погледнете и уверете се сами!...

Тоа беа последните зборови што јас сум ги запишал. А кога, барем малку растрезнат, излегов надвор во дворот, да земам малку здив, ме дочека овој срамен доказ...



П.С. На градската Програма за одбележување на 50 години од овој скопски катастрофален ден го нема Мексиканскиот споменик на солидарноста (иако организаторите се информирани за него)....

ИЛИ
 ...а пак во објавата за огромната мексиканска материјална помош, на Фејсбук страницата на Скопје, ДИСКРЕТНО ги нема бараките (кои се доставени со истата пратка и изградени под раководство на мексиканските архитекти испратени од Педро Рамирез Васкез).

Кликнете на фотката за да прочитате!

Не само затоа што Тито одамна е мртов, туку и поради нашата неблагодарност, јас мислам дека помошта што од Мексико после следниот земјотрес ќе ја добијат преживеаните скопјани - ќе може да биде сумирана во една и најобична: 0 (нула).




понедељак, 15. јул 2013.

За мафијата закон не се пишува, и за неа закон - не важи!

Сега кога го пишувам ова, со неколку минути помина 17 часот.

Помина и полициската патрола која требаше да нареди и спроведе придржување на законска одредба за прекршување на јавниот ред и мир - а градежниците си продолжија со правењето врева (брусење и брмчење).

Главава ми е каша-попара од нивното целодневно вревење, но нема одмор ниту тогаш кога законски тој е загарантиран (Член 8, од важечкиот “Закон за прекршоците против јавниот ред и мир“).

Да не го барате - еве го тука овој член од првата до последната негова буква.

“Член 8
Кој го нарушува мирот на други со пеење, користење на музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева (мотор и слично), во периодот од 15,00 до 18,00 часот и по 23,00 часот до 6,00 часот наутро, полицијата ќе го спречи и ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.
За прекршокот од ставот 1 на овој член на правно лице ќе му се изрече глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, а на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност. Глоба во износ од 500 до 800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на трговец поединец кој врши угостителска дејност, ако не преземе мерки да не дојде до извршување на прекршокот од ставот 1 на овој член во неговиот угостителски објект.
Владата на Република Македонија ќе донесе подзаконски пропис со кој ќе утврди во кој случај и под кои услови се смета дека е нарушен мирот од ставот 1 на овој член.“

Луѓево си работат среде стамбена населба како да се некаде во некоја пустелија - безобзирно!



Суспендирани се моите права како граѓанин.

Суспендирани се овластувањата на полицијата да спроведува закон (да спречи прекршување на јавен ред и мир).

Суспендиран е законот.

Суспендирана е државата.

Најдобар излез од ситуацијава ми е да си го искористам правото без виза да ја напуштам државава, семејството, куќата и се што имам тука - и да се заминам некаде каде законите и правото не се украс за во регал.

Мислам дека епска е мојата македонска трпеливост, и трпеливоста на моите комшии.

Втор пат вака пријавувам - и нема никаков ефект од моето пријавување. Полицијата доаѓа, констатира дека пријавата ми е основана - и си заминува без да преземе нешто.

П.С. Сите други соседни градилишта се придржуваат до законот - само овие “градители“ пред Мексиканскиот споменик, имаат зелено светло нас да не згазат...

Како луѓе, како граѓани, како држава, како...

понедељак, 8. јул 2013.

Градежната мафија го капарисува секој празен простор во градов

Учиме, учиме... Денешна лекција бр...


Иако насловот го напишав во трајно време, можеби требаше да го напишам онака како што сега си мислам - а мислам сега, дека насловот требаше да биде во минато време! (Глаголот “капарисува“ треба всушност да биде: “капарисала“).

Вчера, еден од моите најнепосредни комшии, околу Мексиканскиот споменик на солидарноста од земјотресот во Скопје, ми откри уште еден дополнителен аргумент за мојата теорија на заговор.

Си имам јас веќе подолго време заокружена теорија за мафијашката намера против постоењето на Споменикот и за некаква друга употреба на просторот што овој пирамидален мексикански Споменик го зафаќа (се чини, неоправдано голем простор, и-тоа, градежен - од гледна точка на мафијата).

Кои се моите аргументи за мојава теорија на мафијашки заговор против постоењето на Споменикот?

Еве ги:

Прв аргумент (најслаб т.е. рекла-кажала): на еден од разговорите што пред неколку години го имала претставничка делегација составена од неколкумина комшии на Споменикот, со тогашниот и сегашен градоначалник на општината Карпош, градоначалникот им изјавил, непосредно и искрено, со негови зборови, дека тој споменкот со задоволство би го ликвидирал.

Втор аргумент (посилен): од цело Скопје, меѓу само 32 изменети имиња на улици/булевари - изменето е, на 24.06.2012 и името на улицата Мексичка.

Мексичка е единствена улица со ново име во Тафталиџе!


Името на улицата, Мексичка, е директно поврзано со Споменикот и мексиканската солидарна донација од уникатни монтажни бараки!

И покрај укажувањата и противењата на повеќе видни луѓе кои живееле или живеат на оваа смешно мала уличка (премала, за да му се оддаде достоинствена почит на ликот и делото на Петре Пирузе!) (Браќата Стефановски бараат да не се менува името на Мексичка  и  Влатко и Горан Стефановски против промена на името на „Мексичка“ ) И покрај ветувањето на градоначалникот на Скопје дека ќе ја разгледа апелацијата - аргументите на спротивната страна очигледно биле појаки (можеби и закана за јагнешка глава на прагот?).

Според мојата теорија. бришењето на името на улицата е прв чекор кон ослободување на просторот што го зафаќа Споменикот.

За оние кои не навлегле подлабоко во проблематикава, ќе кажам само дека ликвидацијата на еден меморијален споменик не е лесна/брза работа - ако во државата се почитува правото - затоа што спомениците се заштитени со закон (Закон за меморијалните споменици и спомен - обележјата ).

Иако, и Министерството за култура, и општината треба, според законот, да водат регистри за споменици и спомен обележја, ние како заинтересирани граѓани не најдовме каде Мексиканскиот споменик е заведен - практично, за бирократијата на нашава држава Мексиканскиот споменик на солидарноста го нема!

Трет аргумент (силен): Пред издавање на градежната дозвола за правење на стамбен објект чиј двор е на самиот фронт од Споменикот - иако тоа е, правно гледано: противзаконски чин, без обзир на тоа дали споменикот се третира како а) меморијален споменик, или само како б) спомен-обележје - требало да бидат прашани а) Собранието на Р. Македонија или б) советите на град Скопје и општина Карпош.

И уште нешто многу важно, а е во склоп на овој аргумент!

Градбата на објектот е започната и е во фаза на довршување на карабина а новиот сопственик на земјиштето што го пресекува пристапниот пат - единствениот пристапен пат за дел од стамбените објекти/бараки, не се откажал од неговата сопственост над делот од земјата што претставува пристапен пат.

Тој затоа може во секое време - а тоа го презентираше/докажа веќе во еден наврат, патот да го затвори!

Еве како се практикува правото на приватен имот!
За тоа што вака се затвора пристапен пат - друг нека му мисли! Земјата беше прибрана по интервенција на полицијата - општинската инспекција, ниту градежна, ниту комунална, повеќе од еден месец не излегла на овој терен.


Јас сум убеден дека нашата општина намерно не го побарала тоа откажување од него, пред да му дозволи да гради.

Функција на дозволата, според мене е, инвеститорот да воспостави владение над криминално денационализираната земја (во меѓувреме, пред некој ден, и формално правно станува газда) и потоа повремено да го блокира патот, а пак неговиот нов објект да донесе нови станари - сојузници на градоначалникот (по неговиот разработен а веќе на мојов блог разобличен метод, видете: Борба со Наивноста и Полните празнини) кои, на демократски начин, ќе потпишуваат барања/петиции за отстранување на споменикот поради пречки во нивното секојдневно функционирање (моја претпоставка е дека и добар дел од комшиите-староседелци ќе се придружат на овој список!).

Дај-боже да грешам, но, како што реков на почетокот на овој пост, вчерашната лекција ми беше што станав свесен и за уште еден аргумент за постоењето на овој ингениозен мафијашки план (а ми беше пред очи со недели). Еве го:

Четврт аргумент (силен): Очигледно е дека во архитектурниот проект што во склоп на барањето за Одбрение за градба мора да биде поднесено од инвеститорот а верификувано/одобрено од општината - на страната од објектот завртена кон Споменикот нема никакви регуларни отвори (прозорци и сл.).


Еурека!

Овој објект всушност треба да биде лепенка со друг, со новиот... Објектот што би требало да биде поставен на местото од Мексиканскиот споменик! (Се уште непредвиден во ДУП)

...

...

... Е, па да!...

... Светот се менува...

И во што има тука нешто лошо?

Според мое мислење, крајно депримирачки и безкислордно е, ако светот околу вас се менува од и за мафијата!

Се надевам дека Вам лично, за ова нема да Ви биде сеедно - затоа што, за мафијата неутралноста не постои (ако и застанете на патот)...

Можеби дури и градоначалникот на Карпош нема друг избор?

Или ќе биде кооперативен, или ќе му стигне некој облик на јагнешка глава пред врата! (Иако ние, обичните граѓани, не знаеме колку врати/куќи/станови поседува, но мафијата сигурно знае!)

И... А ако ме праша сега некој инвеститор: кај кого треба да се остави капар?

Не знам баш точно име и презиме, ќе му кажам, но мое мислење е дека капарот го зема оној што најмногу може да гарантира дека работата ќе биде завршена - а во денешно време тоа е..., погодувате: само градоначалникот (или некој од оние на кои тој најмногу им должи што на таа функција баш тој се нашол!)

А во нашиов случај...

Знаете на кого мислам!


П.С. Како продолжителен доказ за стресноста на нашава урбанистичка едукација, во контекст од минатиот пост (видете: Денови на стресно учење во Тафталиџе) во хронологијата на овој ден ќе остане запишано:

Додека деца си играат околу мизерно ограденото, всушност разградено градилиште...


Комшиите вознемирени од последниот инцидент мирно протестиаат околу градилиштето...


Засиленото обезбедување е последица на нервозните закани што на дежурниот обезбедувач наводно му ги упатил еден од нашите соседи кога открил дека фасадата на куќата му била погодена од камен...
Малку фалело да настрада прозорецот...
...од овој камен!

Повиканата полиција, за чудо, се уште доаѓа, и вчера направи увид.


Додека претѕставници од четирити инволвирани странки беа активно присутни на теренот.
Лево се обезбедувачите, до нив полицајците, зад нив работниците (караванџиите) а десно соседите-протестанти.
Оваа фотографија која прикажува како градителите ја отвориле оградата (тоа го прават секој ден и од сите можни страни) и си излегуваат со градежните активности на јавна површина (казниво со глоба од секоја можна комунална инспекција - ако го направите тоа вие или јас) - за никого и никаде во државава не била никаков доказ!

субота, 6. јул 2013.

Денови на стресно учење во Тафталиџе

Тема: Ова ли е државата во која живеам!?

Нема ден од изминатите недели а јас и моите комшии да не научиме - на најстресен начин - нешто ново за нашава, очигледно, жално и поприлично корумпирана држава.

Јас се уште сакам да верувам дека нашите најврвни политичари не се организатори на овој систем, но исто така, убеден сум дека, ако од нивна страна не се презема никаква антикорупциска реакција - тоа ќе биде исто како и да се учествува во неа.

Мора да признаам дека, со оваа моја верба, од ден-на-ден се посвесен сум дека влегувам во членство на некое-си “големо“ малцинство.

Со молчење и стоење на страна - активна е улогата на секој функционер во корумптивната мафијазијација на државава.

И ова утро, за жителите околу дивоградбата пред мексиканскиот споменик беше подеднакво стресно. како што беа и претходните.

Уште во 6 часот почна буката со подготовките за бетонирање а веќе во седум, на-големо, се бетонираше.




Урбаната мафија долго време се организирала и се подготвувала за ова и очигледен факт е дека сега не постои сила што би можела да ги заштити граѓаните-поединци - оти само мал број се најдиректно засегнати, а и сите тие досега си биле, а и сега останале, разединети.

Досега, мафијата умешно ја користела државата за своите цели и сега државата, што во други општества е единствената сила што може на мафијата да и се спротистави, е немоќна, молчи, и згазениот граѓанин не го заштитува.

Инспекциите не доаѓаат (ако се надлежни) или нивното доаѓање е без ефект (биле ненадлежни), полицијата не ги заштитува граѓаните (законот за прекршоци на јавниот ред и мир не важи за мафијата) а на граѓаните што се директно засегнати и протестираат, мафијата им подготвува судски тужби и со нив им се заканува.

Слободно можам да кажам дека, доколку остане вака, и доколку оваа градба до крај се изгради и стане функционална (станови за некои семејства) ќе биде најпогоден пример за да бидат застрашувани сите што би можеле макар и да помислат да одат против движењето на струјата (мафијата).

Еден од ретките зачудени комшии кои утрово ги замени пиџамите со дневната облека и дојде да ја “поздрави“ војската на урбаната мафија.
Половина од неговите деца веќе одамна се во Европа!
Беше зачуден што непишаните правила за невознемирување на граѓаните, што владеат во Европа - тука не вредат буквално ништо!

Градбава, лоцирана покрај мексиканскиот Споменик за земјотресот, т.е. споменикот за еден лош настан од минатото, настан што сите би сакале да го заборават, ќе биде споменик за иднината, споменик кој ќе биде покажуван со цел да предизвика поразителен застрашувачки ефект врз многу генерации чесни луѓе кои ќе треба постојано да чувствуваат дека тука, во Македонија нема доволно “кислород“ за мирен и чесен живот.

И чесните Мексиканци, сигурен сум, од нивната информирана надлежна амбасада ќе дознаат дека бегајќи од мафијата во својата земја, тука сигурно нема да најдат прибежиште (за другите - големо Bienvenido).