Тема: Ова ли е државата во која живеам!?
Нема ден од изминатите недели а јас и моите комшии да не научиме - на најстресен начин - нешто ново за нашава, очигледно, жално и поприлично корумпирана држава.Јас се уште сакам да верувам дека нашите најврвни политичари не се организатори на овој систем, но исто така, убеден сум дека, ако од нивна страна не се презема никаква антикорупциска реакција - тоа ќе биде исто како и да се учествува во неа.
Мора да признаам дека, со оваа моја верба, од ден-на-ден се посвесен сум дека влегувам во членство на некое-си “големо“ малцинство.
Со молчење и стоење на страна - активна е улогата на секој функционер во корумптивната мафијазијација на државава.
И ова утро, за жителите околу дивоградбата пред мексиканскиот споменик беше подеднакво стресно. како што беа и претходните.
Уште во 6 часот почна буката со подготовките за бетонирање а веќе во седум, на-големо, се бетонираше.
Досега, мафијата умешно ја користела државата за своите цели и сега државата, што во други општества е единствената сила што може на мафијата да и се спротистави, е немоќна, молчи, и згазениот граѓанин не го заштитува.
Инспекциите не доаѓаат (ако се надлежни) или нивното доаѓање е без ефект (биле ненадлежни), полицијата не ги заштитува граѓаните (законот за прекршоци на јавниот ред и мир не важи за мафијата) а на граѓаните што се директно засегнати и протестираат, мафијата им подготвува судски тужби и со нив им се заканува.
Слободно можам да кажам дека, доколку остане вака, и доколку оваа градба до крај се изгради и стане функционална (станови за некои семејства) ќе биде најпогоден пример за да бидат застрашувани сите што би можеле макар и да помислат да одат против движењето на струјата (мафијата).
Градбава, лоцирана покрај мексиканскиот Споменик за земјотресот, т.е. споменикот за еден лош настан од минатото, настан што сите би сакале да го заборават, ќе биде споменик за иднината, споменик кој ќе биде покажуван со цел да предизвика поразителен застрашувачки ефект врз многу генерации чесни луѓе кои ќе треба постојано да чувствуваат дека тука, во Македонија нема доволно “кислород“ за мирен и чесен живот.
И чесните Мексиканци, сигурен сум, од нивната информирана надлежна амбасада ќе дознаат дека бегајќи од мафијата во својата земја, тука сигурно нема да најдат прибежиште (за другите - големо Bienvenido).
Нема коментара :
Постави коментар