Сега кога го пишувам ова, со неколку минути помина 17 часот.
Помина и полициската патрола која требаше да нареди и спроведе придржување на законска одредба за прекршување на јавниот ред и мир - а градежниците си продолжија со правењето врева (брусење и брмчење).
Главава ми е каша-попара од нивното целодневно вревење, но нема одмор ниту тогаш кога законски тој е загарантиран (Член 8, од важечкиот “Закон за прекршоците против јавниот ред и мир“).
Да не го барате - еве го тука овој член од првата до последната негова буква.
“Член 8
Кој го нарушува мирот на други со пеење, користење на музички инструменти, радио и телевизиски апарати и други технички уреди, како и со механички извори на врева (мотор и слично), во периодот од 15,00 до 18,00 часот и по 23,00 часот до 6,00 часот наутро, полицијата ќе го спречи и ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност.
За прекршокот од ставот 1 на овој член на правно лице ќе му се изрече глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност, а на одговорното лице во правното лице ќе му се изрече глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност. Глоба во износ од 500 до 800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на трговец поединец кој врши угостителска дејност, ако не преземе мерки да не дојде до извршување на прекршокот од ставот 1 на овој член во неговиот угостителски објект.
Владата на Република Македонија ќе донесе подзаконски пропис со кој ќе утврди во кој случај и под кои услови се смета дека е нарушен мирот од ставот 1 на овој член.“
Луѓево си работат среде стамбена населба како да се некаде во некоја пустелија - безобзирно!
Суспендирани се моите права како граѓанин.
Суспендирани се овластувањата на полицијата да спроведува закон (да спречи прекршување на јавен ред и мир).
Суспендиран е законот.
Суспендирана е државата.
Најдобар излез од ситуацијава ми е да си го искористам правото без виза да ја напуштам државава, семејството, куќата и се што имам тука - и да се заминам некаде каде законите и правото не се украс за во регал.
Мислам дека епска е мојата македонска трпеливост, и трпеливоста на моите комшии.
Втор пат вака пријавувам - и нема никаков ефект од моето пријавување. Полицијата доаѓа, констатира дека пријавата ми е основана - и си заминува без да преземе нешто.
П.С. Сите други соседни градилишта се придржуваат до законот - само овие “градители“ пред Мексиканскиот споменик, имаат зелено светло нас да не згазат...
Како луѓе, како граѓани, како држава, како...
Нема коментара :
Постави коментар