четвртак, 23. мај 2013.

Земјотресот во Скопје и грдото лице на нашата корупција во урбанизмот


Идната недела се подготвува голема прослава, организирана од Институтот по земјотресно инжинерство (ИЗИС) по повод 50 години од катастрофалниот земјотрес што му се случи на Скопје во 1963.

Прославата на ИЗИС не е само коктел и честитање, туку стручен семинар од највисок светски калибар.

Но... Каква иронија!

Вчера, (21-ви мај, 2013) една недела пред овој меморијален сеизмолошки семинар, во Скопје, во населбата Тафталиџе, на улицата Мексичка и на детското игралиште пред споменичниот комплекс во вид на стилизирана пирамида со голем ѕид на кој има спомен плоча, а кој бил изграден со цел да ја одбележи големата помош што тогашната влада на Мексико ја донирала на Скопје во облик на цела населба - се појавува багер кому му е издадена легална директива да го руши детското игралиште и паркот, веднаш до самиот споменик - мексиканската стилизирана пирамида.

Една од минатите општински власти го паверизираше споменикот а децата секоја година, некогаш и по неколку пати, го графитизираат.
Во некои од минатите години, кога сеќавањата за земјотресот се практикуваа со повеќе искреност, на овој споменик се садеа и полеваа цвеќиња (со цистерни).



Целта на багерот е: да создаде услови за градба на стамбен објект, висок до скоро 9 метри - за да се исполни уште еден “празен“ простор во градот, да исчезне уште една зелена површина и едно детско игралиште.


Оваа јавна површина тивко, без никој од засегнатите да знае, во општинските урбанистички планови, била зафатена од вителот на урбанистичката корупција и најнапред била пренаменета од детско игралиште, во парцела за паркинг, а потоа, како недифинирана и без јавен интерес, била денационализирана.

Потоа, неодамна, со најновиот детален урбанистички план, најлесно било на тоа место да биде исцртана градежна маркица, и да бидат одбиени како неосновани сите приговори и петиции на засегнатите граѓани кои овој простор, од настанувањето на населбата го сметале за јавен или државен и го користеле за благородната цел за која бил наменет: развој на децата низ безбедна игра и забава.


Една голема поука од скопскиот земјотрес, денес, после 50 години, бидна заборавена: од пресудно, од животно значење е меѓу стамбените објекти да има поголем или доволно голем празен или неизграден простор.

И, така, за неколку дена на скопскиот аеродром од авион ќе слезе врвен стручњак за земјотресно инжењерство од Мексико, и... Баш убаво би било за нас, да можевме да го донесеме до ова место во Скопје, и да му покажевме како ние не сме го заборавиле лошото од земјотресот и се грижиме и ги почитуваме нивните донации за помош на нашите преживеани сограѓани од земјотресот во 1963-та!

Наместо тоа, денес, после 50 години, ние, “добрите“, “праведните“ и убавите, во огледалото добиваме одраз на грдотија што не би сакале ниту два мига да ја гледаме.

На оваа табла, направена од некоја легура со бакар изгравиран е буквално следниот натпис (на фотографијата тешко се гледа):
ZA VREME VLADE

ADOLFA LOPESA MATEOSA i JOSIPA BROZA TITA
PREDSEDNIKA SJEDINJENIH DRZAVA MEKSIKA  (под името на Матеос)

PREDSEDNIKA SOCIJALISTICKE FEDERATIVNE REPUBLIKE JUGOSLAVIJE (под името на Тито)

VLADA I NAROD MEKSIKA SAGRADISE OVO NASELJE KAO DOKAZ PRIJATELJSTVA I SOLIDARNOSTI


SKOPJE, MAKEDONIJA, JUNA 1964

NASELJE OTVORIO AMBASADOR MEKSIKA
DELFIN SANCES HUARES

GRADITELJI:
UPRAVNI ODBOR PROGRAMA ZA IZGRADNJU SKOLA
UPRAVNIK: ARH. PEDRO RAMIRES VASKES
RUKOVODILAC: ARH. PEDRO ALVARADO KASTANJON
SARADNIK: ARH. FRANCISKO VASKES PADILJA

Линк за инфо-плус: Прилог на телевизија ТЕЛМА


Нема коментара :

Постави коментар