недеља, 2. јун 2013.

Апологија за Вас, почитуван градоначалнику Јакимовски


Сметам дека последниве денови отворените напади на Вашиот лик и дело, почитуван градоначалнику, зачестија, особено е тоа поврзано со малата група незадоволни и недоволно информирани граѓани во скопската населба Тафталиџе... Сметам дека знаете веќе, на кои ова се однесува.

Јас лично, иако сум дел од засегнатите граѓани, сметам дека Вие воопшто не сте виновен за ништо од ова што сега нам ни се случува - се работи, сметам јас, за тотално неинформирани луѓе кои ниту си ги познаваат своите законски права и обврски, ниту пак се информирани за доменот на Вашите надлежности.

Морам да Ви кажам, не можам да одолеам, дека јас со нив сите се испокарав кога вчера најавија дека планираат да одат до кај Вас, да Ве малтретираат со некакви прашања и барања за објаснувања околу градбата/ископот што се прави за приватниот инвеститор со сите потребни легални нишани (дозволи).

Дури и се обидов да им предочам што Вие ќе им одговорите, почитуван градоначалнику Јакимовски, но тие веќе се беа решиле да одат до Вас а ме принудија и мене да дојдам, само затоа да биле повеќе на број, и така на Вас да извршеле притисок!

Уф, појма си немате, колку ми беше срам кога влегувајќи во дворот на привремената општина Карпош, наместо достоинствено, овие мои комшии со трчање Ви излегоа на патот и истиот Ви го пресекоа, спречувајќи Ве да заминете по своите обврски (претпоставувам дека тоа беше третата седница на собранието на општината?).

Можеби и ќе се сетите на мене! Јас сум оној, малиот, ситниот, што се обиде да Ве сними со едно мало фото-апаратче. Тогаш Вие погрешно го разбравте мојот гест и ми се обративте со зборовите: (по сеќавање, зборувам: кој сте бре вие, за така да се однесувате со мене, јас не сум некаков...)

Ја користам оваа скромна прилика за да Ви се извинам, ако погрешно сте ме разбрале. Јас не мислев ништо лошо за Вас. Само сакав да ги снимам Вашите зборови, за да можам да си ги преслушам одново, а и да му ги предочам секому што се сомнева во Вас - со еден збор - сакав да нема “рекла-казала“.

Мислам дека ја видовте и реакцијата на моите комшии, кои јасно се дистанцираа од моето однесување и побараа од мене да престанам со снимањето и да се тргнам на страна - сето тоа, затоа што јас им се спротиставив на идејата да доаѓаат кај Вас и бев против тоа да Ве окупираат на патеката во дворот, каде Вие “ги примивте“.

А велам, штета е навистина што не дозволивте да Ве снимам. Сега немаше да кружат неточни муабети, туку, дека сте рекле дека не сте Путин, дека не сте надлежен за донесувањето на урбанистичкот план, дека не смеете да стопирате градба на објект со дозвола за градба издадена од општинските служби, дека си има комисии кои вршат промени во плановите, дека појма немате што има во тие планови - ете, точно се сеќавам дека им рековте, дека два нови такви плана треба да бидат изгласани тој ден, а вие немате појма што има во нив. И многу други работи, да, им кажавте.

Јас лично сметам дека Вашата позиција е кристално јасна и чиста и дека Вие мора да водите сметка и за сопственикот на градежната парцела и за неговите права, во спротивно тој би можел Вас да Ве тужи!

А зошто?

За кого?

За да им се напрви ќејфот на неколкумина, што се навикнале да уживаат во простор што не е нивен, и за неколку деца што понекогаш играат на тоа игралиште, веднаш до тој мизерен мексикански споменик што сите го заборавиле, па и Господ.

Па Вие сте помогнале во изградбата на толку многу други детски игралишта низ општината, што денес е речиси неизводливо да се одржуваат, па сега да бидете еден од обвинетите што помогнале да се сруши само едно?

Тоа е навистина неправда. Како моиве комшии не се способни да го согледаат тоа, навистина не знам. Веројатно заради дрво пред носот, не се способни да ја видат шумата! Ги интересира само она што им се случува пред нивниот сопствен нос, пред нивниот сопствен двор!

Јас, можам слободно да кажам, не сум таков како нив!

Еве, со години, и децении, по секој дожд, цапкам во кал, веднаш штом ќе излезам од мојата мексиканска барака - и не барам општината да ми направи улица, или да ми се положат павер елементи до вратата, затоа што знам дека општината има многу поголеми приоритети.

Немам побарано ниту канта за ѓубре, ниту пак улична светилка да ми свети пред влезот - па не може, мајку му, секому да му е светло - некој мора да научи да гледа и во темница! Треба да се гледа во поширока перспектива!

Како што гледа, на пример, газдата на фабриката за масло Брилијант, инаку инвеститор на стамбената зграда за која Вие бевте принуден да дадете одобрение за градба само 15 дена после добивањето на Вашиот, инаку мошне успешен, претходен мандат. И дури моравте да му помогнете општината да му направи пристапна павер улица до објектот!

Ако не знаете за што зборувам: тоа е објектот во кој што, неофицијално дознавам, има сега свој стан и вашиот, сега екс колега, бившиот градоначалник на Охрид.

На таа локација, некој пред Вас, исцртал градежна маркица да се изгради стамбена зграда за индивидуално домување со 7 или 8 станови, на само два и пол до три метри од мојата мексиканска дивоградба (одзади).

Јас сега, кога ќе отворам заден прозорец (од лево и десно сум лепенка) гледам што пиџами носи една од непознатите комшики и тоа, често е причина да ми се предизвикуваат пријатни чувства, затоа што во најголем број случаи ми се допаѓа изборот!

Од друга страна, малку ми е срам што сите тие пак, новите станари од новиот објект за индивидуално домување, ми гледаат во мексиканската шупа, за која инвеститорот, со право ми предочи дека му влегува дури еден метар во неговиот имот, и која ми е постојано во хаос, што, исто така постојано ветувам дека ќе го средам.

Кога сме кај ветувањата, јас, почитуван градоначалнику, барем сум искрен спрема себе си - и иако бев еден од оние, што на еден ден пред овие локални избори во 2013, беше присутен на граѓанскиот собир свикан од Вас, кога Вие им ветивте на граѓаните-комшии дека на игралиштето нема да се гради, а не го исполнивте тоа - јас барем знам што се неисполнети ветувања и нема да Ве држам за збор, како што рекоа и направија тие. Мислам и дека, и тоа, покрај другите работи, им го предочивте вчера, во дворот на школото/општината. Па не може да се прават и тие толку наивни - се знае што се зборува пред избори а што после.

И најпосле, откако мојата добронамерност сметам дека доволно јадно ја произнесов, ќе ви кажам за тоа како помина вчерашниот ден. Затоа што сметам дека за се треба да бидете објективно информиран! (Искрено кажано, длабоко се сомневам дека Вашиот човек, оној во бермудите, и сандалите, си ја врши задачата како треба.)

Меѓу првите од наше маало се разбудив јас, тоа го кажувам без дилема, затоа што уште во пиџами излегов во дворот со фото-апаратче и сликав.

Се гледа од сликата дека во тоа време ништо не се случуваше!

Овие утрински станувања сега за нас граѓаните од ова маало станаа мошне стресни и немирни, во последниве денови, а јас сум склон кон тоа најпрв да дознавам, за да имам повеќе време за прилагодување.


Сметам дека ми е граѓанска должност да Ве информирам, да знаете за овие тројца неработници, што вчера цело утро вака седеа додека малиот ровокопач трудољубиво работеше.


Тој од најлево е вашиот човек, тој во средината е човек на инвеститорот а тој на десниот крај, ги варди и двајцата! Сите тројца неработници се на плата и седат по цел ден! А за тие пари има многу луѓе во државава што навистина нешто би сработеле. Срамота!

Друго нешто, на што сакам да Ви го завртам вниманието, почитуван градоначалнику е бескрупулозната експлоататорска постапка на инвеститорот!


Погледнете: ниту еден од работниците не носи заштитна облека.

Јас навистина сметам дека на овие луѓе животот им е во огромна опасност!


Што ќе беше, се прашувам, со инвеститорот и Вашата општинска градежна инспекција, ако овој човек беше затрупан од купот земја и песок надвиснат над него?

Како ќе се одразеше тоа на Вашиот углед? Не, не смеам на тоа ниту да помислам! Но, за среќа, вчера ништо такво не се случи.

Но ете, се доближи и времето на закажаниот протест на моите комшии.

Веднаш морам да Ве информирам дека јас за овој протест појма немав!

Кога сосем случајно разбрав што подготвувале комшиите, тие глумеа зачуденост или ми одговараа: кај си ти, па што те нема?


А разбрав на тој начин што почнав да се распрашувам: кои се овие луѓе?

Што ли се насобраа одеднаш толку неработници (досега си беа само тројца)?


Сомнително ми беше и што одеднаш се створија работнички заштитни шлемови, кои, замислете, некои од работниците веднаш ги ставија на глава - додуша на некои им беа малку поднакривени, но добро...


Потоа од некаде, мислам дека беше од еден двор на еден сосед, маалскиве деца извадија разни плакати напишани со некои, некакви пароли - очигледно напишани под диктат на возрасните! Очигледно!




И не само деца, почнаа од сите страни на игралиштето, а ги има четири, да се појавуваат луѓе - но, очигледно не беа многу.


За тоа време, децата ги изналепија плакатите на ѕидот од мексиканскиот споменик.


Од следната фотографија се гледа дека беше поставена и бакарната спомен плоча на споменикот - а тука, и јас лично бев принуден да учествувам. А на крајот, морам да Ви кажам, морав да помогнам да се извади пак таблата, за да не ја соберат рециклаторите на метали или некои други непознати.


Кога се појавија камерите од телевизијата Телма, одма знаев дека овде се работи за чист медуимски театар! Комшииве мои се договараа со новинарите, небаре се актери во некоја турска серија!


Се појавија уште само камери и новинари од 24 Вести и толку. Морам да Ви честитам за ова, почитуван градоначалнику, што сте успеале, за ваквите медиумски спинови, да ги направите глуви и неми останатите медиуми!


Ниту еден од комшииве не беше толку смирен и присебен да се нафати да им каже некој збор на насобраните, туку само некои даваа одговори на однапред смислените прашања од новинарите на овие две телевизии и потоа сите насобрани возбудено аплаудираа, небаре се направил некој херојски подвиг! 


Не можам, почитуван градоначалнику, да разбирам зошто сите беа толку вознемирени и резигнирани - само претпоставувам, тоа е веројатно затоа што одеднаш нешто се гради пред нивните дворови?




Кој треба да им е виновен што останале така неинформирани?

Впрочем и јас таков си бев, се до неодамна, кога бевме на средбата во Вашиот општински двор со Вас и Вие убаво ни објаснивте дека инвеститорот нема обврска нас да не информира, или пак од нас да побара согласност за градба, затоа што, во закон стои, дека не треба тоа да го прави, ако меѓу нашите и неговата парцела има улица.

Добро де, можеби малкуцка беа во право некои од комшиите, кога Ви забележаа дека нема улица - ама ќе биде, нели?

Ќе треба да и дадеме и име, нели?

Сигурно ќе биде тоа името на некој револуционер!

Однапред се радувам на тоа што ќе имаме нова улица, со ново име... А со новата зграда, и уште новите 7-8 станови во неа... Се ќе ни биде ново!


Откако завршија со снимањето - толку беше од протестот!

Остана само блокадата со автомобили - да не може никој една работа да си заврши! Ниту ние - ниту инвеститорот. И јас навистина не знам кој за ова би можел да се прогласи за одговорен. Да ни дојдевте тука, ако не сака друг, јас ќе Ве прашав Вас, затоа што, убеден сум, од вашето досегашно огромно искуство со решавање на проблемите на граѓаните на општина Карпош, Вие храбро ќе ни дадевте одговор или барем правна поука - како да се движиме низ институциите на системот!



Потоа, откако протестантите си заминаа, работниците, може да се види од сликиве, веднаш ја баталија заштитната облека и шлемови...


 ...и работеа се до 17 часот, во време од денот (сабота) кога според некој закон, сум слушнал некаде, е забрането да се вршат бучни градежни активности во населено подрачје.


И, почитуван градоначалнику, Ве молам да го замолите инвеститорот, преку вашиот градежен инспектор, за една работа - крајно време е да истакне табла со основните генералии за градбата!

Па не се руши тука на диво!

Тука напротив, се гради, и се е легално, и се е според закон - и тоа мора да се објави насекаде!

Немојте да дозволите Вашиот углед да тоне заради мрзеливост на општинската госпоѓа задолжена за ПР.

29 коментара :

  1. Јас навистина не ја гледам целта на ова излагање, бидејќи дефинитивно треба да се побара сопственикот на локацијата и да се види неговиот став околу ова прашање! Луѓе станува збор за приватно земјиште, каде е спорот тука?

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Здраво Нина,

      Ниту јас пак, не ја знам целта на твоево коментирање. Можеби ПР тимот на општината, вработен по учинок со врските од баби и дедовци, го откри овој блог па реши да го таргетира/обработи? А можеби и не?

      Ставот на сопственикот во вербална форма тешко дека некогаш ќе го видиме.
      Законски, тој требаше да постави информативна табла на градилиштето па да дознаеме со кого си имаме работа!

      А во гестови - ставот му се гледа и-тоа-како!

      Повели на Мексичка (пардон сега е Петре Пирузе).

      Колешке (граѓанке, ако воопшто постоиш со тој пол) се работи за приватизирано земјиште, меморијален парк што по закон не смеело да се денационализира - како и земјиштето под бараките и нивните дворови, како и парковите околу зградите, како и...

      Избриши
  2. Sekoj covek ima pravo da si go iskaze svoeto mislenje na ovoj ili onoj nacin. Megutoa informacijata koja se siri do javnosta i vo koja se imenuvaat lica treba da se proveri... ne e celta samo da im nastetime na drugite i nivnot ugled, dokolku sakame da se izborime za nesto treba da se obraitme do klucot na problemot, sto vo ovoj slucaj e sopstvenikot na imotot, i na krajot na kraista koi sme nie da im go odzemame pravoto na privatna sopstvenost na drugite? Zarem nekoj moze da dojde i mene da mi kaze dali da stavam fontana, igraliste ili cvekinja vo mojot dvor?

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Здраво Маја, (ако си истовремно и Нина, пак нека ти е Здраво).

      Фала ти за толеранцијата (околу правото на искажување).

      “Zarem nekoj moze da dojde i mene da mi kaze dali da stavam fontana, igraliste ili cvekinja vo mojot dvor?“

      Извини ако сум премногу паметен, но јас сметам дека може да ти каже, ако доследно си толернатна!

      Сепак, ми се допаѓа кога некој го наоѓа клучот на проблемот! Минатиот пат кога ми го украдоа точакот - единственото нешто што ми остана од него беше клучот (на шифрата).

      Избриши
    2. Zdravo i na tebe, kako i da ti e imeto, bidejki covek ne moze da ti se obrati so anonimen.... ocigledno ne ti se dopadnal mojot komentar i mnogu verojatno deka svoite komentari i tekstovi gi baziras na pretpostavki... Celta mi bese da go iskazam svoeto mislenje, tvoe e dali ke go prifatis ili ne, normalno sekoj ima pravo na izbor. Mojot izbor e deka ne se soglasuvam so tvojot tekst i jas dokolku go organiziram ovoj vas mal otpor toa bi go napravila poinaku. Kako sto napomenav pogore, bi se obratila do sopstvenikot na lokacijata. Ja razbiram i vasata inspiracija od revlot poradi odzemeno t.n parkce, megutoa ne go razbiram nedostatokot na inspiracija za novite igralista i parkcinja vo Karpos, za najubavata naselba vo gradot, za obrazovanieto, sport, nastanite i aktivnostite koi se realiziraat .... Klucot na problemot e ednostrano glediste na istiot.

      P.s se nadevam ke si go najdes tocakot, mene dosega dva mi gi sobraa od podrum Pozdrav Maja

      Избриши
    3. Здраво г-ѓо Велова,

      Велите: “...i jas dokolku go organiziram ovoj vas mal otpor toa bi go napravila poinaku.“

      Уф, уф, уф... Секоја чест за Вашите организациски идеи и способности, но јас не сум во тој филм - па не е ни мојов блог. Не ми е познато дали постои организација на отпорот - но отпор секако има - очајнички.

      Сите Вие сте сега можеби незагрозени, но, има добри шанси по некое неизвесно време, булдожерчето де пристигне и кај Вас, а кога Вашиот лелек ќе биде дочекан со анти-емпатија и потсмев...


      Велите:
      “...mnogu verojatno deka svoite komentari i tekstovi gi baziras na pretpostavki...“

      и потоа:
      “Kako sto napomenav pogore, bi se obratila do sopstvenikot na lokacijata.“

      Претпоставките се навистина големи во овој случај.

      Кој е всушност сопственикот?

      Градежната мафија разработила прекрасен систем за добивање на она што го посакува.

      Лицето што наводно е сопственик на локацијата ќе добие само мал дел, надомест за својот труд и бламажа.

      Секако тоа лице не би било тука и сега, ако и тоа ситно делче, за него не е голема работа - и заради тоа јас го сожалувам.

      Велите: “...ne go razbiram nedostatokot na inspiracija za novite igralista i parkcinja vo Karpos,...“

      Бидете тука и ќе Видите можеби дел од тоа. Кога се “прават“ паркчиња и игралишта, од направеното, низ времето, се гледа зошто било направено.

      Лично, во неколку наврати морав да интервенирам за спасување на животите на моите и други деца од опасностите, што тие неодржувани игралишта ги нудеа - и тоа со години (истите опасности!), не за ден или два.

      После овие мои лични искуства со некои игралишта за деца во мојата најблиска околина - веќе немам убави “визии“ за нив.

      Клучот на проблемот е во градежната мафија, не е во мене или во Вас, и сигурно не е во гледиштето на ПР тимот на општината (без обзир дали сте Вие сега дел од него!).

      Ниту Тафталиџе, ниту Карпош не се исклучени од овој вртлог на градежничка корупција.

      Тафталиџе и Карпош беа некогаш познати и ценети како “убави“ поради зеленилото, пространите паркови околу зградите и дворови околу куќите оградени со живите огради...

      Тоа, во последниве години е само корица на книга без содржина, маркетингшка јадица за фаќање на дебелоџебни купувачи на недвижнини.

      Избриши
  3. Тоа земјиште е вратено на скопјани а тие прилепски сељанчиња, полни со милиони во тафталиџе, нека запалат џиповите и нека си ги однесат децата на игралиште каде нема да ги гледаме.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Здраво Александра (се уште не си го променила полот?)

      Цел живот гледам туѓи деца на игралиштево (имало и црнчиња, не само прилепчиња) и морам да ти кажам дека имало моменти кога и јас сум размислувал слично како тебе!

      Од галамата што понекогаш ја прават децата кога играат ми се чинело дека сум проколнат што сум се родил и живеам на детско игралиште.

      Избриши
    2. за разлика од тебе јас знам кој ми е полот и тука сум со име и презиме. А ти се криеш и не го откриваш својот идентитет...ти пишав од проста причина што живеам во тафталиџе и знам што се случува таму..а плус и моето семејство си врати земја со денационализација пред некоја година и знам какви сме ние македонците..секогаш да кобеме на туѓата среќа...поздрав од мене, Александра

      Избриши
    3. Здраво Александра,

      Не би сакал да Ви солам памет, но, се чини како некаде да брзате ...

      Блогов си има наслов и си има опис (Страницата е проширување на блогот: Живот Покрај Пчелите).

      Кликнете си на менито: Назад на БЛОГ и таму од десно си имате друго мени: За АВТОРОТ (Со адреса, телефони, слика и цртеж)

      Сигурен сум дека од овој наш дијалог ќе успеете да разберете дека има разни карактери на земјиште.

      За среќата и македонците - го делам Вашето мислење. Ако ме сретнете слободно претставете ми се! Јас сум пчелар и секогаш чувам тегла мед за себе но и за добри луѓе.

      За разлика од вашата фамилија, јас немам земјиште никаде - а нон стоп барам, како сега, земјиште погодно за пчеларник.

      Ве поздравувам и Ви посакувам се најубаво со Вашето земјопоседништво

      Избриши
    4. За разлика од вас, мојата фамилија се стари скопјани на кои им било одземено земјиштето и токму затоа и имаме земјиште, успеавме да си го вратиме со денационализација. Конкретно за случајот во тафталиџе се вмешав од проста причина што токму моја другарка си го врати земјиштето и си прават дом за да живеат а не да прават пари од тоа. Живеам цел мој живот во тафталиџе и многу добро ја познавам населбата. Во овој случај гледам единствено политика и тоа воопшти не ми се допаѓа бидејки атакувате кон семејство кое си вратило СВОЈ имот со процес на денационализација. Инаку мислам дека е смешно да ве потсетувам дека денационализацијата се носеше пред повеќе години и е законска мерка изгласана од страна на собранието на РМ. Поздрав од мене п.с И јас сум љубител на медот :)

      Избриши
    5. Здраво Александра,

      Велите: “...се вмешав од проста причина што токму моја другарка си го врати земјиштето и си прават дом за да живеат а не да прават пари од тоа.“

      Нејасно Ви е искажувањето. Дали другарка Ви е всушност инвеститорот во токму овој случај?

      Велите: “...Во овој случај гледам единствено политика и тоа воопшти не ми се допаѓа бидејки атакувате кон семејство кое ...“

      Ме насмеавте со Вашиов агол на гледање! За вас поемата “Сердарот“ на Григор Прличев сигурно е химна за напад!

      Избриши
  4. celava situacija mi deluva mnogu iscenirana i so sila se siri sto e i dokaz ovoj blog kade edinstveni postovi se ovie za igralishtevo. pa dobro be ako zemjishteto e privatno sopstvenicite mozat da si gradat sto sakaat, a ako vo karpos nemozat da se najdat igralishta za decata neznam vo koja opshtina moze. prosetajte 100 - 200 metri ke si najdete sigurno nekoe drugo igralishte kade decata ke mozat da si prodolzat da igraat a ne da postavuvaat paroli od roditelite

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Здраво Ивана (те молам, поздрави ги од мене Маја, Нина и Александра)

      И твојов коментар ептен изгледа исцениран!

      Немаш време ниту да прочиташ што пишува, нели? Ех, работа си е работа.

      Сите ние, изгледа, треба да си одработиме за парче леб.

      Ако сакаш да знаеш, мене, на авторот на овој блог, најмногу ми смета што од голема желба да се бутне зграда на игралиштето, за мојата дивоградба-барака не е обезбеден пристапен пат по минимален урбанистички стандард.

      (На ДУП-от пишува дека се обезбедини тие минимални 5,5 метри а во реалност, ширината е еден метар помала!

      Избриши
  5. Добро, до кога со вакви работи! Разберете дека тоа е наше земјиште добиено со денационализација! незнам дали вие да го имавте вратено вака ќе реагиравте. Па треба ли и ние да живееме некаде!? Вашите деца може да играат во коменски кај што играв и јас како малечка! Дај не замарајте веќе!

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Здраво Јана,

      “Дај не замарајте веќе!“

      Извини, те молам, што те замарам.



      “...незнам дали вие да го имавте вратено вака ќе реагиравте.“

      А како Вие, Јана, реагирате?

      “Вашите деца може да играат во коменски кај што играв и јас како малечка!“

      Е не ќе биде за долго тоа играње.

      И во Коменски се планира градење на зграда.

      Избриши
  6. Значи само во Македонија го има ова, на приватно земјиште да неможе да си градат - што не напише убаво авторот на блогов по кој основ е вратено земјиштето и од кого бидејќи гледам дека е добро упатен во проблематикава и дали воопшто е надлежна општината и градоначалникот ? И што мисли што се гради куќа или зграда?И еве карикирам доколку дрзавата ви го врати земјиштето по основ на денационализација дали вие сопственику на блогов ќе си изградите куќа или не?Навистина е срамно да се пласираат толку лаги и невистини кои од авион се гледа дека се тенденциозни се со цел некој да се оцрни.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Здраво ЈС. (поздрав за останатите од неколку минути пред тебе)

      “...што не напише убаво авторот на блогов по кој основ е вратено земјиштето и од кого бидејќи гледам дека е добро упатен во проблематикава и дали воопшто е надлежна општината и градоначалникот?“

      Не сакам да ја замарам Јана.

      За надлежностите, гледам, Вие сте поупатена од мене.

      “што мисли што се гради куќа или зграда?“

      Куќа со 6 до 8 станови!

      И што мислите Вие за ова мое мислење?

      “...еве карикирам доколку дрзавата ви го врати земјиштето по основ на денационализација дали вие сопственику на блогов ќе си изградите куќа или не?“

      Почитувано ЈС, постојат етички и неетички дејанија. Јас лично, кога би дошол и би видел каква е ситуацијата, би си побарал обврзници и не би инвестирал пари за некоја комисија да ми даде земјиште, да ми го претвори во градежно.

      А, и што знам...

      Можеби и би го продал на друг (на пример на твојов љубен градоначалник), како што е направено во конкретниов случај - тоа му доаѓа како сива етичка зона!

      Но, вака како што сега стојат работите, клетва ќе ги стигне сите што влегуваат во аферава.

      Треба тој некој да биде бел за да биде оцрнет.

      Јас сум наивен, ама, за оваа работа, ни оддалеку не сум како тебе!

      Избриши
  7. Ja sum zitel od ovaa naselba i mislam deka mnogu loso se gleda na ovaa rabota dali nekoj lugje namerno gi potiknaa ovie raboti bidejki nemaat so nesto drugo da se zanimavaat pa pocnaa da plukaat po opstina karpos i po stevce jakimovski po covekot koj ja sredi cela naselba pa sega necini mozete li da razberete deka ovoj slucaj nema vrska so opstinata toa zemjiste e na privatno lice i negovo e sto ke gradi na toa mesto za toa ve zamoluvam poveke da ne se objasnuvame i da ja ostavime rabotata da si tece kako sto treba i da ne izigravat nekoj lugje deka vo se se razbiraat ili sakale vo ova zemjiste oni da profitiraat pa videle sega deka nema od toa nisto pa daj sega ke terame lugje da protestiraat kolku samo da se nasteti po ugledot na stevce jakimovski i opstina karpos

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Здраво Дарко (конечно едно машко!)

      Гледам голема загрженост кај тебе за угледот на г-динот Јакимовски.

      Гледам дека некоја црна сила се надвиснува над твојот живот...

      Гледам и дека наскоро ќе ти се случи нешто многу лошо!

      Се надевам дека нема тоа да биде поврзано со багер што копа меморијален парк, поменик од земјотресот и детско игралиште.

      Твојата животна линија на Интернет, почитуван г-дине Дарко, гледам дека е многу куса.

      Избриши
    2. Izini samo edno nesto da te prasam slucajno da ne si baba vangja od bugarija sto mi predviduvas sto ke mi se desi aj geldaj sii ja rabotata ostaj me mene i moite komentari inace ne sum zastitnik na stevce jakimovski tuku gi gledam pravilno rabotite

      Избриши
    3. “...inace ne sum zastitnik na stevce jakimovski tuku gi gledam pravilno rabotite“

      Штом е така, почитуван г-не Лазаревски, извинето Ви е од мене.

      И јас сум изнервиран што вакви случки го расипуваат ликот на делото на нашиот подновен градоначалник.

      Затоа извинете ми и Вие на мене.

      Избриши
  8. Значи не отрувте со ова игралиште,па добро бе блогеру дај информирај се дека земјиштето е приватно, а тој што е сопственик може да гради куќа или зграда,негов избор е тоа,земјиште добиено со денационализација, па толку ли не знаеш дека правото на сопственост е загарантирано со устав, и никој не може да го оспори тоа, ниту твојот и мој градоначалник стевчо, и навистина не ми е јасно како не ви е срам децата да ги носите на протести...

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Здраво Дејане,

      Немате претстава колку ми е мило што работите до доцни саати... (Се надевам дека Некој тоа ќе знае да Ви го цени).

      Најпрвин расчистете каде коментирате и кому му се обраќате.

      Јас не сум множина. (Се уште).

      Стевчо изгледа токму тука Ве инструирал да поентирате: се, демек, било решено пред да дојде во негов домен?

      О.К. Ви е поентата!

      И јас се согласувам со неа!

      Во право сте Дејане!

      Арно ама, јас имам друга поента што таквите како Вас тешко им е да ја дигестираат:

      Поврзана е со личниот профил на еден од Вашиве “истомисленици“ (алијаси), што тука се јавил да коментира денес - J S.

      Тој на својот профил (https://plus.google.com/116728672234235852023/posts) има закачено видео од Стевче наш, како дискутира за нешто друго, и таму тој се фали дека за три часа бил способен да увиди дали во некој процес имало фалинки или немало (ревизија) (истото: http://youtu.be/mK7WNRiiCTE).

      Мојата поента е следнава: како е можно Стевче наш да не увиди дека работава со приватизацијата на меморијалниот парк/игралиште е трула, уште првиот пат кога му е предочено? А тоа било со години наназад?

      Таква интелигенција, таков брилјантен ум, таков политички талент а не успеал, со години, да увиди дека ова парче не е чисто т.е. спремно за грабање?

      А за децата не си во право. Тие се секој ден таму, нормално, не во ист состав и сите заедно.

      Имаше некои комшии, што јас не ги поддржувам, кои им сугерираа да не пишуваат некои пароли, што децава сакаа да ги напишат! Една од паролите беше: Стевче не те бива!

      Срам да им е на старциве што им забранија на децана да пишуваат што си сакаат!

      Тоа говори дека многу обични луѓе во нашево ни општество им се плашат на моќнициве без да си имаат било каква мува-на-капа!



      Избриши
  9. Во Аеродром ми прават висококатници пред зграда (читај: стокатници) и работат 24/7, па никому ништо...

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Здраво почитуван г-дине Радически

      Не е проблемот во градењето.

      Проблемот е во рушењето.

      А проблемот е и во тоа што не се обезбедени предуслови за минимално нормално функционирање на околината на новоградбата.

      Ако и кај Вас е така - јавете се пак, кога ќе Ви се доселат новите комшии.

      За работењето - никој не може да го забрани, но за буката може, затоа што за тоа си постои важечки закон. Пријавете во полиција на тел. 192 и ќе дојдат на увид.

      Избриши
    2. Ги гледав сликите на Вашиот претходен пост и сфатив дека таму немало игралиште (само малку трева и бекатон), туку паркинг за Вашите автомобили... Дали е тоа болката?!

      Избриши
    3. Здраво г-дине Радически,

      За Ваша информација, игралиштето последниве години, последниве генерации деца го нарекуваат “Дрвени“.

      Дел од остатоците од тие дрвени љуљашки и други справи за играње, беа откорнати деновиве од работниците на едно лице/фирма кое донесе некоја смешна, мала железна играчка, наводно по телефонски налог на градоначалникот и наводно со намера да ја постави на нивно место. (Лицето искажало несигурност дали истата ќе му биде платена!)

      Моиве комшии го избркале овој “смешко“, но пред тоа, тој си ја заврши мисијата (ги искорна дрвените љуљашки).

      Кога јас бев дете, се што беше на игралиштето беше направено од метал и добро се сеќавам дека ние децата водевме вечна војна со возрасните околу нашето право да си играме кога ќе сакаме и колку што ќе посакаме. Без обзир на буката и вревата што по цел ден ја правевме - и заради која, патем да кажам, некои соседи и го напуштија, т.е. се одселија од нашево маало.

      Токму заради оваа причина металните играчки беа заменети со дрвени.

      Денес од метал е направен само кошот за баскет - и тоа од трудот и средствата на самите деца.

      Ете, него можете да го видите на моите слики, а тој пак е предвидено да влезе во дворишната парцела на идната куќа/зграда.

      “...туку паркинг за Вашите автомобили... Дали е тоа болката?!“

      Сите ние што сме најблиску до булеварот Партизанска имаме последниве години големи проблеми со движењето по уличките и паркирањето на колите - на пат до дома.

      Кога се денови на некои колективни забави (коко деновиве полумаурата) или родендени и сл. на луѓе кои живеат во зградите на партизанска, ние тука, зад нив, добро чувствуваме како возилата ни влегуваат зад мексиканскиот споменик и се паркираат секаде каде што ќе стигнат.

      Децата, особено последниве години, се жалеа на коли паркирани под кошот а нам на возрасните ни беа потребни денови да разбереме чија е тоа некоја си кола, паркирана во близина на некој од соседите.

      Точно е дека со новоградбата, ќе се загуби наизглед полесното паркирање на колата што секој од соседите си ја има, и да, и тоа вистински боли.

      Особено, јас лично сметам, ќе ги заболи оние што ќе дојдат да живеат во новата зграда.

      Претчувствувам дека заради паркирањето и оневозможувањето на пристап, во идните весници и ТВ дневници, ќе има информации поврзани со ова место и црната хроника.

      Избриши
  10. Само сакам набрзина да испратам некоја информација дека им помагаме на сите да станат богати, моќ, пари, слава во животот, животот е тежок, сите го знаеме тоа, понекогаш се збунуваме, затоа што не знаеме што да правиме за да го оствариме нашиот сон се обистини, но се обложувам дека со помош на масонското семејство, можеш да ги оствариш твоите желби, масонското семејство му помага на секој член да дојде до врвот, а масонското семејство не е зло или сатанско , нема распродажба на твојата душа во масонското семејство, ние сме браќа и сестри, низ кој проблем и да поминуваш, можеш да му кажеш на брат ти или на сестра ти, и ќе го добиеш решението за тоа што го бараш, и масонството. семејството не ве спречува за вашите сопствени религиозни активности, тоа е семејство кое им помага на луѓето кои се подготвени да ја споделат оваа привилегија, и сите ние се трудиме да го направиме светот подобро место за нас и нашите генерација да уживам максимално, не сакам да пишувам сето ова, затоа што некои луѓе мислиме дека се само ѓубре, но не знаат дека сите луѓе не се исти, добро не обвинувам тогаш, времето кога ќе дојдеме кога ќе сфатат, искуството е најдобар учител, сега Ги советувам само оние кои имаат интерес, да контактираат, официјалните детали подолу од таму можете да дознаете повеќе за ова масонско СЕМЕЈСТВО,
    WhatsApp; +31687329133
    Е-пошта; info.masonic.oregon@email.cz
    TikTok Link; https://www.tiktok.com/@info.masonic.oregon
    Или прочитајте повеќе за масонството на линкот на масонската страница на Фејсбук; https://web.facebook.com/infomasonicoregon

    ОдговориИзбриши