четвртак, 3. септембар 2015.







Ете ја убавицата!


Семејната куќа што требаше да го реши деценискиот проблем со сместувањето на едно скопско семејство...

Минаа две и пол години откако започна да се гради, а мина веројатно и само една година откако е тип-топ изградена.

Неодамна, најголемиот бранител на ова велелепно здание, градоначалникот Стевче Јакимовски предизвика бурен интерес со објавувањето на неговите детални урбанистички планови за другите делови од општината за која беше избран да ја раководи. Импресивна беше неговата загриженост околу задоволувањето на новите стандарди за простор за паркирање за сите градби - нови и стари, во неговата општина Карпош.

Ова е влезот во единствениот простор што може да послужи за паркирање во рамките на дворот на семејнава куќа. Може да се паркираат 2 помали возила - едното пасивно, а само другото активно.

Еве уште еден простор за паркирање - на велосипеди и мотори...

Ама, мене ми се чини дека веќе никаде нема да успее толку, како што успеа тука, во очигледната негова намера насекаде да создава споменици на корупцијата во урбанизмот.

Оваа семејна куќа не испадна баш семејна. Испадна зграда со апартмани за изнајмување и деловни простории...

Влезот - за малку селфи ќе испаднеше... Очигледно е дека има само едно сандаче! Ама...

Ама домофонот открива дека зградава има 6 влезни врати... Не ми е јасно зошто за седмиот стан нема домофонче?

Ние комшиите одоколу, ова лето имавме прекрасна шанса да слушаме прегласна првокласна новокомпонирана српска народна музика од привремените станари. Таква музика ние тука ретко имаме шанса да слушаме.

Јас лично имав и ретка прилика да слушнам како изгледаше бакнеж на една кола што се обидуваше да го искористи паркингот за само едно нормално возило, што постои во рамките на дворот на оваа куќичка, бакнеж со дрвото или кантата за ѓубре од спротивната страна на тесното сокаче - што е единствен пристапен пат до куќите на неколку од нас староседелците...

Кога сме кај слушањето, ја имав и можеби најексклузивната можност да го слушнам и жуборењето на поточето што излегуваше од подрумот на оваа зграда, што требаше да биде гаража, а беше пренаменет во деловен простор.


Глетката на оваа поплава од пред некој ден, беше мошне интересна, како што е интересно сè што е поврзано со градбата на овој споменик на нашата корупција.

Да си имаше зградава (поставена врз тревникот и детското игралиште пред Споменикот на ул. Мексичка/Хелсинки), да си имаше оваа зграда, пак велам, чувар од фирмата за обезбедување СГС, како што си имаше при градењето, немаше ова да се случи, т.е. штетите ќе беа минимални, оти за кусо време поплавата ќе беше откриена, т.е. немаше да трае цела ноќ и скоро цел ден, како што бидна...

И така, во оваа семејна куќа со 7 стана, и во овие врели септемвриски денови саде нешто се работи - се руши, се преградува, се разградува, се доградува - тоа, по сè изгледа ќе и биде нејзината судбина...

...До денот кога во Македонија ќе дојде на власт чесен лидер, што засрамен од овој нов споменик, ќе го испрати огромниот засега паркиран булдожер - да ја срамни со земјата!

Нема коментара :

Постави коментар