понедељак, 5. мај 2014.

ФОТО РАЗГЛЕДНИЦА ОД ТЕТОВО


Пред два дена, во саботата бев на туристичка прошетка во Тетово.


Автомобилот се продава.
Ова е на самиот влез од автопатот во Тетово.
Подоцна се виде - во Тетово има многу други нешта за продавање.

Тетово е град за кој, мене ми се чини, дека најголем дел од граѓаните на Македонија веднаш добиваат желба со поглед да го избегнат, камоли да го посетат.

Град кој не го виделе “во живо“ многу, многу повеќе од 50% од граѓаните на Македонија (иселени и неиселени).

Пред силниот пороен дожд да ми ја скрати прошетката со пријателите по градот, успеав единствено да минам во делот од градот кој што пред 10+ години го гледав по телевизиите - во престрелките меѓу полицијата/војската и граѓаните.


Иако ова е многу современа пекара/бурекџилница, сепак за потребата од тоалет, наменет за купувачите/гости тука се уште не слушнале.
Мене состојбата во овој дел на градот многу ме потсетуваше на она што, на приближно исто временско растојание од настаните, го гледав во Босна.

Смртта сепак тука е најважната локална вест.
Жални помени и жални вести...

Убава но запуштена стара тетовска куќа

Влезот во православната црква. Во моментот излегуваа луѓето, оформувајќи погребна поворка.
Не можев незабележано да ги фотографирам па затоа и не ги фотографирав!

Дел од предворјето на црквата.
Камбаната се огласуваше, објавувајќи го последното патување на покојникот.


Детенцево плашливо ѕиркаше. Очигледно е дека тука постои голем страв за децата.
Само плаката од политичарот што често треба да биде “во живо“ тука.



Јас мислам дека партиските активисти сами си ги потпишале своите дела - празните куќи - иако верувам дека биле убедени дека некој друг бил или се уште е виновен за нив!




Тетовските јаболка тука се 25 и 20 ден. за килограм.


Ова е само една куќа, од многуте, во која очигледно не живее никој.

И оваа куќа се продава: на два јазика.

Не лутавме по улиците барајќи вакви кадри - тие си постоеја на секој чекор...

Што им нудат на македонците овие митинзи? Нови привилегии? Поголеми привилегии?
Привилегирана заштита? Елиминација на стравот или уште поголем страв?

Редок пример на ревитализирана фасада...

Тропни за да влезеш...

Реката Пена како да им е нужно зло на тетовци.


Пазар на тротоарите од мостот.

Повелете на мед, во наводници, за само 200 ден./тегла...

“Мед“ во сите бои... Веројатно би можеле да си порачате и боја по желба!


Имаше тука се што е потребно за регулирање и на една брада...

Пазарот, вели овој продавач, дождот не го намалил - и онака бил многу слаб.

 Јас си размислував овие два дена, после оваа прошетка, за состојбата на Тетово, но убеден сум дека луѓето во овие делови на балканот воопшто не го делат резултатот од ова мое размислување.

Јас, имено, мислам дека националните партии во кои многу од тие граѓани некако придонесуваат, не се борат за правата на занемарените национални групи, туку само за нови или пак се поголеми и поголеми привилегии на претставниците на тие партии/малцинства.

Не. Убеден сум дека никој тука не го дели моето мислење дека за добивање на овие права на малцинствата се залагаат и се изборуваат всушност лидерите на мнозинските национални заедници, сосем  исто, како што за правата на децата се изборуваат лидерите на возрасните.

Затоа кога размислувам за отказ на “педагогот“ кој ја користи својата физичка големина и сила за да ги научи на нешто децата, истото го мислам и за политичарот - отказ, за мене, треба да добие тој политичар што ќе посегне по војска и полиција за да ги загуши барањата на некоја граѓанска група.

Зошто?

Затоа што со сила проблемот не се решава - освен ако силата не е толкава и толку бескрупулозна, за сосема да ги сотре сите учесници во проблемот.

Ако политичарите не се способни да ги апсолвираат проблемите со кои се мачат граѓаните од оваа држава - и не се кадарни на маса да ги поставуваат тие интереси заради соочување - треба да си добиваат црвен картон на избори.

Тетово е денес, барем во делот што јас го видов, се уште отворена рана.

Деновиве беа актуелни изборите, и јас лично, на сите наши предложени политички опции и нивни лидери им дадов жолт картон.



Ако лидерите на мнозинската граѓанска групација, која што доби повторно мнозински легитимитет да владее, не ја сфатат работата со зацелувањето на овој вид на рани сериозно - на следните избори од мене ќе добијат црвен картон.

Затоа, господава политичари, треба да учат албански, македонски, ромски - тоа им е само една домашна задача.

Другата домашна задача им е да им појдат на луѓето во нивните маала и сокаци, да видат со свои очи како тие живеат, и да разговараат за проблемите кои нив ги тиштат - а мислам, да потенцирам уште еднаш, на луѓето, чии куќи беа загрозени или дури оштетени од куршуми, бомби и гранати - да ги прашаат за нивните проблеми на нивниот мајчин јазик, и потоа со дела и рокови проблемите да ги решаваат.

Ако пак себе си, си се доживуваат како лидери на оние кои се грабаат за што поголеми државни привилегии - само напред - тоа е вистинскиот пат кон историската депонија во која ќе завршат.

Златарската улица...

Шарената џамија...





Локалните политичари на власт во градот сметале дека нема потреба со сообраќајни знаци да ги водат гостите надвор од градот, во правец на Гостивар и Скопје...
А за правецот кон Приштина знаци, сепак, имаше.