Семејната куќа што требаше да го реши деценискиот проблем со сместувањето на едно скопско семејство...
Минаа две и пол години откако започна да се гради, а мина веројатно и само една година откако е тип-топ изградена.
Неодамна, најголемиот бранител на ова велелепно здание, градоначалникот Стевче Јакимовски предизвика бурен интерес со објавувањето на неговите детални урбанистички планови за другите делови од општината за која беше избран да ја раководи. Импресивна беше неговата загриженост околу задоволувањето на новите стандарди за простор за паркирање за сите градби - нови и стари, во неговата општина Карпош.
Ова е влезот во единствениот простор што може да послужи за паркирање во рамките на дворот на семејнава куќа. Може да се паркираат 2 помали возила - едното пасивно, а само другото активно.
Еве уште еден простор за паркирање - на велосипеди и мотори...
Ама, мене ми се чини дека веќе никаде нема да успее толку, како што успеа тука, во очигледната негова намера насекаде да создава споменици на корупцијата во урбанизмот.
Оваа семејна куќа не испадна баш семејна. Испадна зграда со апартмани за изнајмување и деловни простории...
Влезот - за малку селфи ќе испаднеше... Очигледно е дека има само едно сандаче! Ама...
Ама домофонот открива дека зградава има 6 влезни врати... Не ми е јасно зошто за седмиот стан нема домофонче?
Ние комшиите одоколу, ова лето имавме прекрасна шанса да слушаме прегласна првокласна новокомпонирана српска народна музика од привремените станари. Таква музика ние тука ретко имаме шанса да слушаме.
Јас лично имав и ретка прилика да слушнам како изгледаше бакнеж на една кола што се обидуваше да го искористи паркингот за само едно нормално возило, што постои во рамките на дворот на оваа куќичка, бакнеж со дрвото или кантата за ѓубре од спротивната страна на тесното сокаче - што е единствен пристапен пат до куќите на неколку од нас староседелците...
Кога сме кај слушањето, ја имав и можеби најексклузивната можност да го слушнам и жуборењето на поточето што излегуваше од подрумот на оваа зграда, што требаше да биде гаража, а беше пренаменет во деловен простор.
Глетката на оваа поплава од пред некој ден, беше мошне интересна, како што е интересно сè што е поврзано со градбата на овој споменик на нашата корупција.
Да си имаше зградава (поставена врз тревникот и детското игралиште пред Споменикот на ул. Мексичка/Хелсинки), да си имаше оваа зграда, пак велам, чувар од фирмата за обезбедување СГС, како што си имаше при градењето, немаше ова да се случи, т.е. штетите ќе беа минимални, оти за кусо време поплавата ќе беше откриена, т.е. немаше да трае цела ноќ и скоро цел ден, како што бидна...
И така, во оваа семејна куќа со 7 стана, и во овие врели септемвриски денови саде нешто се работи - се руши, се преградува, се разградува, се доградува - тоа, по сè изгледа ќе и биде нејзината судбина...
...До денот кога во Македонија ќе дојде на власт чесен лидер, што засрамен од овој нов споменик, ќе го испрати огромниот засега паркиран булдожер - да ја срамни со земјата!
Пред два дена, во саботата бев на туристичка прошетка во Тетово.
Автомобилот се продава.
Ова е на самиот влез од автопатот во Тетово.
Подоцна се виде - во Тетово има многу други нешта за продавање.
Тетово е град за кој, мене ми се чини, дека најголем дел од граѓаните на Македонија веднаш добиваат желба со поглед да го избегнат, камоли да го посетат.
Град кој не го виделе “во живо“ многу, многу повеќе од 50% од граѓаните на Македонија (иселени и неиселени).
Пред силниот пороен дожд да ми ја скрати прошетката со пријателите по градот, успеав единствено да минам во делот од градот кој што пред 10+ години го гледав по телевизиите - во престрелките меѓу полицијата/војската и граѓаните.
Иако ова е многу современа пекара/бурекџилница, сепак за потребата од тоалет, наменет за купувачите/гости тука се уште не слушнале.
Мене состојбата во овој дел на градот многу ме потсетуваше на она што, на приближно исто временско растојание од настаните, го гледав во Босна.
Смртта сепак тука е најважната локална вест.
Жални помени и жални вести...
Убава но запуштена стара тетовска куќа
Влезот во православната црква. Во моментот излегуваа луѓето, оформувајќи погребна поворка.
Не можев незабележано да ги фотографирам па затоа и не ги фотографирав!
Дел од предворјето на црквата.
Камбаната се огласуваше, објавувајќи го последното патување на покојникот.
Детенцево плашливо ѕиркаше. Очигледно е дека тука постои голем страв за децата.
Само плаката од политичарот што често треба да биде “во живо“ тука.
Јас мислам дека партиските активисти сами си ги потпишале своите дела - празните куќи - иако верувам дека биле убедени дека некој друг бил или се уште е виновен за нив!
Тетовските јаболка тука се 25 и 20 ден. за килограм.
Ова е само една куќа, од многуте, во која очигледно не живее никој.
И оваа куќа се продава: на два јазика.
Не лутавме по улиците барајќи вакви кадри - тие си постоеја на секој чекор...
Што им нудат на македонците овие митинзи? Нови привилегии? Поголеми привилегии?
Привилегирана заштита? Елиминација на стравот или уште поголем страв?
Редок пример на ревитализирана фасада...
Тропни за да влезеш...
Реката Пена како да им е нужно зло на тетовци.
Пазар на тротоарите од мостот.
Повелете на мед, во наводници, за само 200 ден./тегла...
“Мед“ во сите бои... Веројатно би можеле да си порачате и боја по желба!
Имаше тука се што е потребно за регулирање и на една брада...
Пазарот, вели овој продавач, дождот не го намалил - и онака бил многу слаб.
Јас си размислував овие два дена, после оваа прошетка, за состојбата на Тетово, но убеден сум дека луѓето во овие делови на балканот воопшто не го делат резултатот од ова мое размислување.
Јас, имено, мислам дека националните партии во кои многу од тие граѓани некако придонесуваат, не се борат за правата на занемарените национални групи, туку само за нови или пак се поголеми и поголеми привилегии на претставниците на тие партии/малцинства.
Не. Убеден сум дека никој тука не го дели моето мислење дека за добивање на овие права на малцинствата се залагаат и се изборуваат всушност лидерите на мнозинските национални заедници, сосем исто, како што за правата на децата се изборуваат лидерите на возрасните.
Затоа кога размислувам за отказ на “педагогот“ кој ја користи својата физичка големина и сила за да ги научи на нешто децата, истото го мислам и за политичарот - отказ, за мене, треба да добие тој политичар што ќе посегне по војска и полиција за да ги загуши барањата на некоја граѓанска група.
Зошто?
Затоа што со сила проблемот не се решава - освен ако силата не е толкава и толку бескрупулозна, за сосема да ги сотре сите учесници во проблемот.
Ако политичарите не се способни да ги апсолвираат проблемите со кои се мачат граѓаните од оваа држава - и не се кадарни на маса да ги поставуваат тие интереси заради соочување - треба да си добиваат црвен картон на избори.
Тетово е денес, барем во делот што јас го видов, се уште отворена рана.
Деновиве беа актуелни изборите, и јас лично, на сите наши предложени политички опции и нивни лидери им дадов жолт картон.
Ако лидерите на мнозинската граѓанска групација, која што доби повторно мнозински легитимитет да владее, не ја сфатат работата со зацелувањето на овој вид на рани сериозно - на следните избори од мене ќе добијат црвен картон.
Затоа, господава политичари, треба да учат албански, македонски, ромски - тоа им е само една домашна задача.
Другата домашна задача им е да им појдат на луѓето во нивните маала и сокаци, да видат со свои очи како тие живеат, и да разговараат за проблемите кои нив ги тиштат - а мислам, да потенцирам уште еднаш, на луѓето, чии куќи беа загрозени или дури оштетени од куршуми, бомби и гранати - да ги прашаат за нивните проблеми на нивниот мајчин јазик, и потоа со дела и рокови проблемите да ги решаваат.
Ако пак себе си, си се доживуваат како лидери на оние кои се грабаат за што поголеми државни привилегии - само напред - тоа е вистинскиот пат кон историската депонија во која ќе завршат.
Златарската улица...
Шарената џамија...
Локалните политичари на власт во градот сметале дека нема потреба со сообраќајни знаци да ги водат гостите надвор од градот, во правец на Гостивар и Скопје...
А за правецот кон Приштина знаци, сепак, имаше.
Поминаа повеќе месеци од летната комшиска буна против изградбата на стамбена зграда на детското игралиште, до мексиканскиот споменик...
Се чини дека изградбата на објектот драстично се намали во интензитетот.
Дали нема купувач да купи стан со кој во комплет доаѓа и водење секојдневна војна со комшиите, или пак има некоја друга причина, не знам...
А ситуацијата деновиве изгледа вака:
Сега инвеститорот ги замачкува конструкциските слабости и објектот
ќе си го фасадира да изгледа исто како и овој другиот
(на фотките подолу), во соседната улица...
...на местото од самопослугата на Центро.
И за овој објект најзаслужни се истите сопственици на земјата,
истиот инвeститор, и истиот градоначалник.
И тука скромно живеат нови комшии, во... Да зумирам уште малку....
Ги бројам сандачињата... Еден, два. три.... Пет, шест... десет станови.
А да потсетам, мексиканскиот споменик во почетокот на 2006-та изгледаше вака:
Им предложив на моиве комшии, за деновиве, пред денот кога пред 50 години имаше голем земјотрес во Скопје, да организираме протестен настан под мотото: Скопје не се сеќава...
Истo онаков “хепенинг“, каков што го организиравме на почетокот од градбата на куќата пред Споменикот, куќата што е наменета да го рашири патот во започнатиот процес на рушење на Споменикот... (види: Борба со Наивноста и Полните празнини)
Но тие само бледо ме погледнаа и ...
Продолжија со остварување на своите одамна веќе зацртани животни планови, а тие планови, во овие летни денови, за секој од нив вклучуваат напуштање на овој град, на својот дом и заминување некаде - кој колку може подалеку - во земјите кои нудат материјализација на сонот што сите ние, денешни смртници, си го нарекуваме - летување.
Така јас и уште неколку - малкумина - преостанати комшии сме “последните Мохиканци“ што останаа да протестираат на блокадата кај Споменикот, блокада која стана толку лесно минлива низ бројните дупки, што на вредните градители им овозможи да ни ја пружат оваа глетка:
Не само што нема организатори на мирен протест кои со музичка приредба и пригодни говори ќе ја одбележат 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес, што градот Скопје за неколку минути го претвори во рушевини, туку сигурно немаше да има ниту публика - затоа што овој Вирус-На-Летување и неговиот симптом: бегство од Скопје, секоја година кај скопјаниве, во овој период, постигнува заразност од алармантно големи размери...
Речиси секој втор е заболен - особено тешко им е, на оние пациенти кои сметаат дека немаат услови (читај: пари) да заминат некаде од каде што започнал животот на оваа планета (брег на некој океан, на море, или барем на езеро) или пак почнал животот на некоја од древните цивилизации (Грчката, Римската, Индиската итн. итн.)
Јас не верувам, да ви кажам искрено, дека имам некој специјален имунитет кон вирусот што ја шири оваа зараза. Повеќе, би рекол дека и јас сум зафатен, но кај мене заразава се манифестира асимптоматски.
И јас ја добивам истата јанза за напуштање на градов, но кај мене тоа напуштање е поинакво, и денес, решив навистина да станам она што реков дека сум, на минатиот протестен митинг кај мексиканскиот Споменик - храбро решив да станам жив споменик!
Photo by Iva Skenderova.
Ќе се обидам да бидам портпарол на стилизираната мексиканска пирамида - единствената, се уште постоечка, амбасада на древните мексикански култури во нашава држава.
Photo by Iva Skenderova.
Не ми требаше ништо специјално, како што пишуваше Кастанеда дека на денешните Мексиканци им треба (пејотл или татула) за да воспостват врска со духовите на своите предци (Олмеци, Маји, Толтеци, Астеки,...) - доволни ми беа само овие специјални, зелени круши собрани од местото наречено Побожје, на падините од планината северно од Скопје.
Крушиве треба да се јадат полека, со многу долго џвакање, не само заради тоа залците да не ви застанат в грло, туку и за максимално да се извлече моќта на нивниот сок, и за нивното дејство да биде целосно, треба да се јадат заедно со семките.
И така, додека зобев од овие Побожјански круши, полека почувствував како, со нивниот опорен вкус низ моите вени се разлева некоја, од порано невидена топлина - навистина ми се стори како да станав глас на Мексиканскиот споменик...
Photo by Iva Skenderova.
И така, ви велам, пред да западнам во транс, решив дека најдобро место за мене ќе биде да се поставам во еден маѓичен агол на мојата мексиканска барака, веднаш до пуштениот компјутер - за кога ќе се разбудам - да кликнам само на копчето Save и така да си ги зачувам белешките што во транс сум ги отчукал на тастатурата во програмата Notepad...
И така и бидна...
Еве што сум напишал во транс потпомогнат од сокот, месото и семките на зелените круши од Побожје:
Photo by Iva Skenderova.
Јас, народе скопски, во вашиот град дојдов како гласник на предците на народите што живеат на делот од оваа планета што го нарекувате Мексико.
Целта на моето доаѓање беше да ви пружам рака во време кога вие сте искусиле само мал дел од трагедијата и маката што требаше да ги снајде и навистина ги снајде моите луѓе (1985), за потоа и вие ним да им возвратите, но и за да ве потсетувам дека иста таква мака и вас во иднината ве очекува.
Овој наш мексикански претседател беше задоен со идејата за вистинска независност на Мексико, и дојде кај вашиот тогашен владетел Тито, да побара истомисленик и да се обиде да направи мост меѓу повеќето народи на двете земји.
Извор: Corbis Images. Југословенскиот претседател Јосип Броз Тито (лево) му го чита официјалното писмо за добредојде на мексиканскиот претседател Адолфо Лопес Матеос (десно). 29 март 1963 год.
Надалеку беше познато и признато делото на вашиот владетел Тито и уште од дома претседателот Адолфо Лопез Матеос (Adolfo Lopes Mateos), со себе го понесе најголемиот орден што неговата држава можеше да му го додели на еден странец: Орденот на Астечки орел.
Вашиот владетел Тито му приреди на претседателот Адолфо Лопез Матеос навистина достоинствен и велелепен пречек. Секоја чест.
Но, не треба да го обвинувате Матеос што од вашите побара да го види најголемиот музеј каде е изложена приказната за вашата култура! Тоа го побара затоа што тој како и неговиот пријател-архитект и урбанист Педро Рамирез Васкез (Pedro Ramírez Vázquez), во тоа време веруваа дека најголемите достигнувања на архитектите и државниците од тоа време треба да се токму музеите.
Малку беше разочаран нашиот прв претседател-пратеник од скромниот музеј на современата уметност што му го прикажавте - но, затоа пак, и-тоа-како беше импресиониран од топлиот дочек, и огромниот број луѓе што го пречекаа од двете страни на улиците додека со вашиот претседател Тито тој се движеше низ улиците на Белград.
Такво нешто во некоја туѓа земја, уште и на друг континент, нему никогаш порано не му се беше случило!
Неколку месеци потоа вам ви се случи катастрофата со земјотресот.
Нашиот амбасадор Делфин Санчез Хуарез (Delfin Sanchez Juarez Lazo) не информираше за таа ваша несреќа.
Амбасадорот дојде на лице место и се увери лично во маките што вас ве снајдоа. Тоа искуство за него (потоа тој стана еден од нашите најграндиозни поети) беше толку впечатливо што напиша и подоцна објави (во 1968) свое историско дело: “Повици од пепелта: Скопскиот живот, смрт, и воскрсението на еден град“.
Како и да е, јас немаше никогаш да бидам тука да не беше возвратната 13-дневна посета на Мексико, на тогашниот ваш владетел Јосип Броз Тито, во октомври, истата таа 1963 година.
И Тито го посетил Скопје после земјотресот и на нашиот претседател Матеос му ја потврди информацијата за страшната судбина на вашиов град, но и за неговата решеност Скопје од темел да се обнови.
Скопје може и треба да стане град на светската солидарност, му кажа Тито на домаќинот Матеос!
Тито беше пречекан од повеќе од 150 000 мексиканци и беше затрупан од конфети на дочекот при својата возвратна посета на Мексико во почетокот на октомври, таа 1963 година.
Тогаш нашиот претседател Адолфо Лопез Матеос му откри на Тито дека тој има свој пријател, врвен архитект и експерт за анти-земјотресен урбанизам и архитектура - и дека, во знак на пријателство и солидарност меѓу двете држави, покрај ангажманот на неговата сопруга околу друг вид на помош, нему ќе му наложи да дизајнира, направи и потоа испрати 20 монтажни анти-земјотресни бараки - за да се помогне во решавањето на огромниот итен проблем со сместувањето на преживеаните скопјани.
Тоа нема да биде голема работа за него, му рече Матеос на Тито. Тој сега, со огромен ентузијазам го реализира грандиозниот План за националните музеи, меѓу кои е и Музејот на антропологијата, музеј што и денес, речиси 50-тина години од неговото отворање е посетуван од илијадници луѓе секојдневно.
Само ќе треба да ги преработи своите веќе постоечки проекти за монтажни училишта, во проекти за монтажни бараки.
Да. Јас сум дело на еден од најголемите мексикански и светски архитекти-урбанисти: Педро Рамирез Васкез.
Може тоа лесно да се согледа и од било кој лаик - од стилот со кој сум направен.
Мојот креатор не само што ги создаде најпознатите музеи, стадиони и цркви во Мексико, туку создаваше и вистински разнонаменски простори за собирање на луѓето,токму како што беше создаден и овој ваш скопски просторен меморијален парк на чиј врв сум јас: стилизирана пирамида со спомен плоча и негов текст (преведен на тогашниот официјален српски јазик)!
Овој простор требаше да биде и ваш заеднички двор! На сите вас, 20-тина семејства што бевте сместени да живеете во монтажните мексикански бараки.
Мексиканските бараки беа со комплетна внатрешна опрема - санитарии, кујни, светилки, печки, итн. итн,
Оригиналните железни лизгалици, клацкалици, рингишпили и други детски реквизити бргу беа уништени од нападите на орди од деца од целото Скопје.
Јас и помалиот брат, пред дел од споменикот а на просторот околу него - пред да бидат изградени зградите на Партизанска.
Мене воопшто не ми е чудно што мојот идеен творец, Васкез, почина оваа пролет, само неколку дена пред Вашиот општински владетел да го потпише одобрението за почеток на моето уништување, а всушност уништување на неговото дело за помен на солидарноста во невоља и за помен на пријателството меѓу народите на нашите две држави!
Чудно ли ви е тоа на вас?!
Скопје заборави!
Скопје заборави!
Скопје заборави!
Или повторував јас, или пак овие зборови само мене ми одекнуваа во главата, зашеметена од изедените зелени побожјански круши!
Потоа го здогледав ова подолу и почнав неконтролирано и застрашувачки да се кикотам...
“Комерцијален текст: Скопје, градот во кој што сме ги научиле првите зборови, сме ги направиле првите чекори и сме ги бакнале првите симпатии. Градот што го спојуваме со многу среќни сеќавањa, пред 50 години доживеа катастрофален земјотрес, но продолжи да живее.“
А вашите зборови и вашите дела, драги мои денешни Скопјани, се раскарани и говорат сосема спротивно!
Отворете очи, погледнете и уверете се сами!...
Тоа беа последните зборови што јас сум ги запишал. А кога, барем малку растрезнат, излегов надвор во дворот, да земам малку здив, ме дочека овој срамен доказ...
...а пак во објавата за огромната мексиканска материјална помош, на Фејсбук страницата на Скопје, ДИСКРЕТНО ги нема бараките (кои се доставени со истата пратка и изградени под раководство на мексиканските архитекти испратени од Педро Рамирез Васкез).
Кликнете на фотката за да прочитате!
Не само затоа што Тито одамна е мртов, туку и поради нашата неблагодарност, јас мислам дека помошта што од Мексико после следниот земјотрес ќе ја добијат преживеаните скопјани - ќе може да биде сумирана во една и најобична:0 (нула).