Сметам дека последниве денови отворените напади на Вашиот лик и дело, почитуван градоначалнику, зачестија, особено е тоа поврзано со малата група незадоволни и недоволно информирани граѓани во скопската населба Тафталиџе... Сметам дека знаете веќе, на кои ова се однесува.
Јас лично, иако сум дел од засегнатите граѓани, сметам дека Вие воопшто не сте виновен за ништо од ова што сега нам ни се случува - се работи, сметам јас, за тотално неинформирани луѓе кои ниту си ги познаваат своите законски права и обврски, ниту пак се информирани за доменот на Вашите надлежности.
Морам да Ви кажам, не можам да одолеам, дека јас со нив сите се испокарав кога вчера најавија дека планираат да одат до кај Вас, да Ве малтретираат со некакви прашања и барања за објаснувања околу градбата/ископот што се прави за приватниот инвеститор со сите потребни легални нишани (дозволи).
Дури и се обидов да им предочам што Вие ќе им одговорите, почитуван градоначалнику Јакимовски, но тие веќе се беа решиле да одат до Вас а ме принудија и мене да дојдам, само затоа да биле повеќе на број, и така на Вас да извршеле притисок!
Уф, појма си немате, колку ми беше срам кога влегувајќи во дворот на привремената општина Карпош, наместо достоинствено, овие мои комшии со трчање Ви излегоа на патот и истиот Ви го пресекоа, спречувајќи Ве да заминете по своите обврски (претпоставувам дека тоа беше третата седница на собранието на општината?).
Можеби и ќе се сетите на мене! Јас сум оној, малиот, ситниот, што се обиде да Ве сними со едно мало фото-апаратче. Тогаш Вие погрешно го разбравте мојот гест и ми се обративте со зборовите: (по сеќавање, зборувам: кој сте бре вие, за така да се однесувате со мене, јас не сум некаков...)
Ја користам оваа скромна прилика за да Ви се извинам, ако погрешно сте ме разбрале. Јас не мислев ништо лошо за Вас. Само сакав да ги снимам Вашите зборови, за да можам да си ги преслушам одново, а и да му ги предочам секому што се сомнева во Вас - со еден збор - сакав да нема “рекла-казала“.
Мислам дека ја видовте и реакцијата на моите комшии, кои јасно се дистанцираа од моето однесување и побараа од мене да престанам со снимањето и да се тргнам на страна - сето тоа, затоа што јас им се спротиставив на идејата да доаѓаат кај Вас и бев против тоа да Ве окупираат на патеката во дворот, каде Вие “ги примивте“.
А велам, штета е навистина што не дозволивте да Ве снимам. Сега немаше да кружат неточни муабети, туку, дека сте рекле дека не сте Путин, дека не сте надлежен за донесувањето на урбанистичкот план, дека не смеете да стопирате градба на објект со дозвола за градба издадена од општинските служби, дека си има комисии кои вршат промени во плановите, дека појма немате што има во тие планови - ете, точно се сеќавам дека им рековте, дека два нови такви плана треба да бидат изгласани тој ден, а вие немате појма што има во нив. И многу други работи, да, им кажавте.
Јас лично сметам дека Вашата позиција е кристално јасна и чиста и дека Вие мора да водите сметка и за сопственикот на градежната парцела и за неговите права, во спротивно тој би можел Вас да Ве тужи!
А зошто?
За кого?
За да им се напрви ќејфот на неколкумина, што се навикнале да уживаат во простор што не е нивен, и за неколку деца што понекогаш играат на тоа игралиште, веднаш до тој мизерен мексикански споменик што сите го заборавиле, па и Господ.
Па Вие сте помогнале во изградбата на толку многу други детски игралишта низ општината, што денес е речиси неизводливо да се одржуваат, па сега да бидете еден од обвинетите што помогнале да се сруши само едно?
Тоа е навистина неправда. Како моиве комшии не се способни да го согледаат тоа, навистина не знам. Веројатно заради дрво пред носот, не се способни да ја видат шумата! Ги интересира само она што им се случува пред нивниот сопствен нос, пред нивниот сопствен двор!
Јас, можам слободно да кажам, не сум таков како нив!
Еве, со години, и децении, по секој дожд, цапкам во кал, веднаш штом ќе излезам од мојата мексиканска барака - и не барам општината да ми направи улица, или да ми се положат павер елементи до вратата, затоа што знам дека општината има многу поголеми приоритети.
Немам побарано ниту канта за ѓубре, ниту пак улична светилка да ми свети пред влезот - па не може, мајку му, секому да му е светло - некој мора да научи да гледа и во темница! Треба да се гледа во поширока перспектива!
Како што гледа, на пример, газдата на фабриката за масло Брилијант, инаку инвеститор на стамбената зграда за која Вие бевте принуден да дадете одобрение за градба само 15 дена после добивањето на Вашиот, инаку мошне успешен, претходен мандат. И дури моравте да му помогнете општината да му направи пристапна павер улица до објектот!
Ако не знаете за што зборувам: тоа е објектот во кој што, неофицијално дознавам, има сега свој стан и вашиот, сега екс колега, бившиот градоначалник на Охрид.
На таа локација, некој пред Вас, исцртал градежна маркица да се изгради стамбена зграда за индивидуално домување со 7 или 8 станови, на само два и пол до три метри од мојата мексиканска дивоградба (одзади).
Јас сега, кога ќе отворам заден прозорец (од лево и десно сум лепенка) гледам што пиџами носи една од непознатите комшики и тоа, често е причина да ми се предизвикуваат пријатни чувства, затоа што во најголем број случаи ми се допаѓа изборот!
Од друга страна, малку ми е срам што сите тие пак, новите станари од новиот објект за индивидуално домување, ми гледаат во мексиканската шупа, за која инвеститорот, со право ми предочи дека му влегува дури еден метар во неговиот имот, и која ми е постојано во хаос, што, исто така постојано ветувам дека ќе го средам.
Кога сме кај ветувањата, јас, почитуван градоначалнику, барем сум искрен спрема себе си - и иако бев еден од оние, што на еден ден пред овие локални избори во 2013, беше присутен на граѓанскиот собир свикан од Вас, кога Вие им ветивте на граѓаните-комшии дека на игралиштето нема да се гради, а не го исполнивте тоа - јас барем знам што се неисполнети ветувања и нема да Ве држам за збор, како што рекоа и направија тие. Мислам и дека, и тоа, покрај другите работи, им го предочивте вчера, во дворот на школото/општината. Па не може да се прават и тие толку наивни - се знае што се зборува пред избори а што после.
И најпосле, откако мојата добронамерност сметам дека доволно јадно ја произнесов, ќе ви кажам за тоа како помина вчерашниот ден. Затоа што сметам дека за се треба да бидете објективно информиран! (Искрено кажано, длабоко се сомневам дека Вашиот човек, оној во бермудите, и сандалите, си ја врши задачата како треба.)
Меѓу првите од наше маало се разбудив јас, тоа го кажувам без дилема, затоа што уште во пиџами излегов во дворот со фото-апаратче и сликав.
Се гледа од сликата дека во тоа време ништо не се случуваше!
Овие утрински станувања сега за нас граѓаните од ова маало станаа мошне стресни и немирни, во последниве денови, а јас сум склон кон тоа најпрв да дознавам, за да имам повеќе време за прилагодување.
Сметам дека ми е граѓанска должност да Ве информирам, да знаете за овие тројца неработници, што вчера цело утро вака седеа додека малиот ровокопач трудољубиво работеше.
Тој од најлево е вашиот човек, тој во средината е човек на инвеститорот а тој на десниот крај, ги варди и двајцата! Сите тројца неработници се на плата и седат по цел ден! А за тие пари има многу луѓе во државава што навистина нешто би сработеле. Срамота!
Друго нешто, на што сакам да Ви го завртам вниманието, почитуван градоначалнику е бескрупулозната експлоататорска постапка на инвеститорот!
Погледнете: ниту еден од работниците не носи заштитна облека.
Јас навистина сметам дека на овие луѓе животот им е во огромна опасност!
Што ќе беше, се прашувам, со инвеститорот и Вашата општинска градежна инспекција, ако овој човек беше затрупан од купот земја и песок надвиснат над него?
Како ќе се одразеше тоа на Вашиот углед? Не, не смеам на тоа ниту да помислам! Но, за среќа, вчера ништо такво не се случи.
Но ете, се доближи и времето на закажаниот протест на моите комшии.
Веднаш морам да Ве информирам дека јас за овој протест појма немав!
Кога сосем случајно разбрав што подготвувале комшиите, тие глумеа зачуденост или ми одговараа: кај си ти, па што те нема?
А разбрав на тој начин што почнав да се распрашувам: кои се овие луѓе?
Што ли се насобраа одеднаш толку неработници (досега си беа само тројца)?
Сомнително ми беше и што одеднаш се створија работнички заштитни шлемови, кои, замислете, некои од работниците веднаш ги ставија на глава - додуша на некои им беа малку поднакривени, но добро...
Потоа од некаде, мислам дека беше од еден двор на еден сосед, маалскиве деца извадија разни плакати напишани со некои, некакви пароли - очигледно напишани под диктат на возрасните! Очигледно!
И не само деца, почнаа од сите страни на игралиштето, а ги има четири, да се појавуваат луѓе - но, очигледно не беа многу.
За тоа време, децата ги изналепија плакатите на ѕидот од мексиканскиот споменик.
Од следната фотографија се гледа дека беше поставена и бакарната спомен плоча на споменикот - а тука, и јас лично бев принуден да учествувам. А на крајот, морам да Ви кажам, морав да помогнам да се извади пак таблата, за да не ја соберат рециклаторите на метали или некои други непознати.
Кога се појавија камерите од телевизијата Телма, одма знаев дека овде се работи за чист медуимски театар! Комшииве мои се договараа со новинарите, небаре се актери во некоја турска серија!
Се појавија уште само камери и новинари од 24 Вести и толку. Морам да Ви честитам за ова, почитуван градоначалнику, што сте успеале, за ваквите медиумски спинови, да ги направите глуви и неми останатите медиуми!
Ниту еден од комшииве не беше толку смирен и присебен да се нафати да им каже некој збор на насобраните, туку само некои даваа одговори на однапред смислените прашања од новинарите на овие две телевизии и потоа сите насобрани возбудено аплаудираа, небаре се направил некој херојски подвиг!
Не можам, почитуван градоначалнику, да разбирам зошто сите беа толку вознемирени и резигнирани - само претпоставувам, тоа е веројатно затоа што одеднаш нешто се гради пред нивните дворови?
Кој треба да им е виновен што останале така неинформирани?
Впрочем и јас таков си бев, се до неодамна, кога бевме на средбата во Вашиот општински двор со Вас и Вие убаво ни објаснивте дека инвеститорот нема обврска нас да не информира, или пак од нас да побара согласност за градба, затоа што, во закон стои, дека не треба тоа да го прави, ако меѓу нашите и неговата парцела има улица.
Добро де, можеби малкуцка беа во право некои од комшиите, кога Ви забележаа дека нема улица - ама ќе биде, нели?
Ќе треба да и дадеме и име, нели?
Сигурно ќе биде тоа името на некој револуционер!
Однапред се радувам на тоа што ќе имаме нова улица, со ново име... А со новата зграда, и уште новите 7-8 станови во неа... Се ќе ни биде ново!
Откако завршија со снимањето - толку беше од протестот!
Остана само блокадата со автомобили - да не може никој една работа да си заврши! Ниту ние - ниту инвеститорот. И јас навистина не знам кој за ова би можел да се прогласи за одговорен. Да ни дојдевте тука, ако не сака друг, јас ќе Ве прашав Вас, затоа што, убеден сум, од вашето досегашно огромно искуство со решавање на проблемите на граѓаните на општина Карпош, Вие храбро ќе ни дадевте одговор или барем правна поука - како да се движиме низ институциите на системот!
Потоа, откако протестантите си заминаа, работниците, може да се види од сликиве, веднаш ја баталија заштитната облека и шлемови...
...и работеа се до 17 часот, во време од денот (сабота) кога според некој закон, сум слушнал некаде, е забрането да се вршат бучни градежни активности во населено подрачје.
И, почитуван градоначалнику, Ве молам да го замолите инвеститорот, преку вашиот градежен инспектор, за една работа - крајно време е да истакне табла со основните генералии за градбата!
Па не се руши тука на диво!
Тука напротив, се гради, и се е легално, и се е според закон - и тоа мора да се објави насекаде!
Немојте да дозволите Вашиот углед да тоне заради мрзеливост на општинската госпоѓа задолжена за ПР.
























