субота, 8. јун 2013.

Борба со Наивноста и Полните празнини


Со се можам да се борам и со многу работи можам да се изборам, освен со својата, и со наивноста на моиве комшии.

Ќе стартувам од себе си.

Прво и најпрво од сè, јас не мислев, ниту на сон, дека моиве комшии можат да бидат толку наивни.

Да не бев и јас уште понаивен од нив - многу порано ќе се нафатев да превземам нешто.

Немаше да се надевам дека тие, или поточно некои од нив, ќе ја завршат работата... Наивно си мислев дека, и мојот, и нивниот животен простор е заеднички - и дека и тие се исто толку загрозени како мене. Но, си се надевав, наивно - тие се помоќни од мене да го заштитат!

Ма, сигурен сум, 100% сум убеден, дека некои од нив знаеле дека детското игралиште е пренаменето од општината да биде паркинг - и ништо не направиле!

Просто не ми се верува дека некој не дознал дека потоа “паркингот“ е денационализиран/приватизиран.

Пред самиот крај сите ние, комшии, знаевме дека е предложена измена на урбанистичкиот план во која е ставена градежна маркица за стамбено деловен објект на местото од приватниот паркинг - и никој од нас се уште не веруваше дека може такво нешто да “помине“.

На самиот крај, реагиравме со поднесување на индивидуални жалби/забелешки, а кога сите аргументи за противење на таквото идејно решение, ни беа мазно и лесно одбиени како неосновани, јас, а верувам и многу други од моите наивни комшии, наивно сметавме дека општествено најмоќните меѓу нас “ќе се погрижат“ барем оваа измена во урбанистичкиот план да не дојде никогаш на дневен ред на собранието на општината!

Никој не ги чепка штрковите.

Ни панкери, ни хипици, ни рапери, ни анархисти, вмровци или комунисти... Никој. Сите за нив имаат, брате, респект! Па, секој штрк треба некому да му донесе прво дете, или братче, или сестриче!

Арно ама, таа колективна наивност не важи за инвеститорот визионер!

Таму каде што секој нормален граѓанин гледа празен простор, облагороден со трева или други привремени содржини (детско игралиште, спортски терен, парк, итн.) каде “секој“ ќе може “да си одмори душа“ - нашиов инвеститор-визионер гледа сосем нешто друго, нешто големо и трајно, што ќе му донесе купче пари и респект, не од некој благородник, туку - од таквите како него!

Кога кај нас во маалото дојдоа градежни работници за да постават мобилна провизорна ограда, никој не веруваше дека нема да ја тргнат.

Кога еден ден се разбудија и во оградата видоа дека влегол гасеничар-ровокопач, не веруваа дека ќе почне да копа.

Кога копаше не им се веруваше дека ќе стигне да направи толкава дупка а кога оградата почна да се шири од ископаниот материјал - не веруваа дека толку може да се прошири.

Ним, до вчера, тешко им се веруваше дека дупката сосем сигурно ќе се бетонира, еве, на ваков начин.

Во моментов, на стотина метри подалеку од нашава локација (на фоткава), на ваков начин се бетонира на уште две места, Арно ама...
За овие градби - од кои едната е веднаш наспроти споменикот, од другата страна на улицата - не е ангажирано приватно обезбедување (уште пред да се започне со работата). За овие градби нема протести!
Зошто?
Затоа што тие градби се дел од процесот што некои го нарекуваат “дебармализација“ (постепено бетонирање на животната средина). Со нив всушност само се проширува животниот простор под кров, на сметка на отворениот (под небо).

Ама, до кога, поточно до каде ќе стигнеме сите ние со оваа наша наивност!?

Ти гледаш штрк и мислиш на дете, а инвеститорот... Тој мисли на ражањ или добра штркова чорба.

Си мислев дека оваа тема ќе биде вредна само за едно мое писание и ја поставив како периферија на мојот пчеларски блог, но колку сум бил наивен, јас лично, се гледа/чита од ова, ова е веќе четврто мое писание за темава!

За третиот мој напис, имав забелешка дека не бил доволно сликовит!

Ете тоа, и отрезнувачкиот дожд што падна врз мене, ме натераа да разгледам наоколу, малку пошироко од моето маало, во кое се досега мирно и непречено, иако кога ќе заврне или ќе се стемни, по малку калливо и замрачено, јас си егзистирав.

Откако вчера сфатив до која мерка сум забегал во наивноста и со какви наивници од комшии цел живот сум си имал работа, решив да одам во поход - затоа што, од дождот, ми стана јасно дека тука нема шанси да се работи само за исклучок.

Нема шанси нашиов да е единствен случај - мора да има тука некаков систем! Шема по која тие инвеститори се движат во лов на својот плен (“празен“ простор).

Ако некој мисли дека одењето ми беше некоја ГОЛЕМА работа - наивно се лаже. За се што ќе видите на фотографиите тука, не отидов подалку од еден километар од мојата куќа.

Решив дека е најфер, најпрвин да почнам од себе си.

Погледнете каква беше состојбата со локалните урбанистички планови само пред 10 години, време кога јас се одлучив да се женам и да направам поткровје над мојот дел од мексиканската барака. Побарав услови за градба од општината и го добив овој документ.
Каде е тука паркингот?
Паркингот е предвиден зад црното квадратно поле (бараката на татко ми). Место каде сега има два огромни стамбени објекти што се натпреваруваат во ширина и должина.  Разбрав дека така-наречениот сопственик на дел од просторот, кој тука е номиниран како детско игралиште, тврдел дека плацот му бил денационализиран пред овој датум!
Како било тоа можно кога е забрането со закон?
Простор што бил во активна употреба како детско игралиште и што и во урбанистичките планови бил предвиден за истото - да биде  денационализиран/приватизиран?
Решив за сите да го покажам овој мој прозорец...
Зад овој прозорец, кога го правев поткровјето, над мојата мексиканска барака имаше, во ова време од годината, прекрасен поглед на овошна градина во дворовите на две селски куќи.

Кога најпосле моето барање за градба се одобри, еве каков беше погледот при правењето плоча (под сегашниот прозорец). 
Декември 2004.
Куќите одзади беа на луѓе што биле присилно преселени од своите домови на Водно, и тие до последниот свој здив (со секири) се противеа на реализацијата на урбанистичкиот план, нивните куќи да станат паркинг.

Но, инвеститорите ги убедија нивните наследници дека тука гледаат празен простор!

И започна да се менува погледот од мојот прозорец (тогаш се уште во карабина).


Најпрвин, на местото од предвидениот паркинг, се изгради оваа куќа (навистина е семејна).
А потоа дојде овој багер и започна со работа...

Денес, кога го отворам прозорецот, го гледам ова:

Запомнете ја добро оваа слика!
Ако веќе не е, наскоро, оваа “перспектива“ може да не биде само лично моја!

Или, ако сакате, погледот од сличен агол е ваков:


Јас не протестирав, иако за ова здание општината сметаше дека не треба ниту да бидам информиран, а камоли да бидам прашан.

Сликава ја поставив за да се види просторот меѓу бившите мексикански бараки и новата зграда изградена за 7-8 семејства! 
Во функција на подобра илустрација на претходниот пост од овој блог, еве ја подолу пристапната уличка што општината потоа му ја изгради на новиот инвеститор. Линг 1. и Линк 2. Нема потреба да се грижите за него, тој никогаш немал ниту најмала намера да живее во оваа урбанистичка карма-каша!


Потоа се упатив подолу по улицата (Мексичка, т.е. Петре Пирузе) и на источниот крај ме дочека ова здание:

Ова велелепно архитектонско здание е зграда за повеќе семејства а ја исполни “празнината“ на еден голем двор со една барака. Сосема е легална и никој од соседите не можеше да направи ништо против нејзината градба!
Потоа завртив в лево, и се упатив до почетокот на улицата на која е всушност и мојата адреса (ул. Хелсинки)

Оваа легална градба не исполнува празнина туку ја одбрав само затоа што ми е лесна за селекција, копирање и пастирање. Ако тоа го направите во Фотошоп, поставувајќи ваков објект над сегашните проширени бараки, ќе добиете прецизна слика како веројатно ќе изгледаат овие улици после 10 години. И тука, се разбира, свој дом си нашле повеќе, меѓу себе неповрзани, семејства. 
Каде отиде дворот?  Зеленилото?
Прашајте  во нашата општина!
Потоа, се вратив назад со цел да излезам од улицата (екс Мексичка) од нејзиниот јужен крај и го здогледав ова:

Овој “празен“ простор, веднаш до општинското подновено детско игралиште психофизички се подготвува да го прими ударот на промените.
Едно, ако не и двете, огромни зимзелини дрва ќе биде исечено и на ова место е предвидено да никне нова велелепна зграда висока 16 метри на овој свој крај.
Наспроти школскиот двор на училиштето Јан Амос Коменски со својот продорен “инвеститорски“ поглед го “пронајдов“ овој простор. 
Засега изгледа вака, но откако ќе се преселат на гробишта повеќето од комшиите што знаат дека ова е Месна Заедница Тафталиџе 1, ќе дојде инвеститорот што заедно со неговата телевизија (Сител) ќе ни го разубави овој грд лик - со уште едно велелепно архитектонско здание кое би требало да има најмалку приземје и 3 спрата (висина до венец: 12.4 м.). За да го добие ова од градоначалникот Јакимовски - Сител ќе мора да го одработи својот дел!

Искрено речено, некако и загубив желба да шетам подалеку и понастрана. Шетајќи и размислувајки дојдов до некои свои моментални заклучоци за шемата по која се движи актуелниот урбанистички бандитизам а за кои најдобар и најсликовит пример е оваа градба - зграда подолу!

Некој толку многу ги почитува правата што ги имаат сопствениците на приватен имот за градба (инвеститорите) што дозволува да се прават градби како оваа подолу на фотографијата, поставена зад Архивот на Македонија, градби кои се буквално без елементарни услови.


Оваа зграда зад архивот е изградена пред да биде обезбеден соодветен пристап до неа. 
Очигледно е дека наскоро и новите станари од оваа зграда ќе бидат потписници на една од бројните петиции и жалби што секојдневно пристигнуваат на бироата од службениците во општината. 
Петициите ќе бидат за антената, но веројатно ќе останат без ефект, затоа што легално пред никнувањето на зградата, над архивот, е поставена антена која зрачи директно врз станарите на зградата.
Станарите доаѓаат и одат (и со возила) буквално преку пешачка патека на автобуската станица на булеварот Партизанска. 
Се гледа и како им е обезбедено паркирањето. За нашите општинари ова е нормална ситуација, а ќе трае можеби и со децении.

Станарите на овој од урбанистички аспект, див објект, се новите војници на урбанистичката мафија во борбата за простор со старите комшии. 
Нашиот градоначалник е навистина за нив храбар бранител!
Така ова всушност и функционира: креирај проблем, инволвирај несвесни жртви, за потоа да бидеш оној што ќе може проблемот да го разреши! А луѓето... Луѓето што живеат околу овие новоградби се доживотно меѓусебно раскарани!
Староседелците знаат кои се следните цели на урбанистичката мафија. 
Само напред!  
Она што им е замаглено и нејасно, е фактот дека одзади багерите што се подготвуваат да им дојдат, застанал токму нивниот бранител (клик).
Од двете страни на оваа, со години населена а се уште недовршена зграда, се сопствениците на имоти кои не се согласуваат со ваквиот развој на настаните со локалниот урбанизам...

...И вака мизерно се третирани!
За урбанистичката мафија постои голема разлика меѓу нов инвеститор и сите други...

Сега, додека го пишувам ова, моите соседи околу детското игралиште и мексиканскиот споменик одржуваат мирен протест за градбата среде игралиштето.

Сега ќе појдам да им се придружам, па подоцна ќе го завршам овој мој пост.


Продолжение...



Диазепам или лексилиум - кој пат до го фатиме?


Една минутка откако го објавив последниот пост, излегувајќи од дома ја видов следнава сцена:


Што мислите, за што се работи тука?

Не ви е јасно?

И мене, нормално, не ми беше.

Затоа пријдов поблиску, обидувајќи се истовремено да фотографирам.


Дај дијазепамче! Па овие да ти биле ко-бајаги новите комшики!

Дошле заедно со нивната телевизија (Сител), и поголем број обезбедувачи од бројот на мои комшии, за да си ги бараат своите комшиски права - на нашиот, комшиски протест против урбанистичката мафија!

Оваа мафија поддржана од своите медиуми и војничиња решила да го осуети евентуалниот удар!

И додека ги правев првите документарни фотки, агресивно ми пријдоа двајца униформирани обезбедувачи со повици да престанам да фотографирам!

Дај дијазепамче! Забрането било да се фотографира како телевизија прави интервју!

Јас тука дадов отпор, ги игнорирав и сепак, фотографирав!

Лицето со големи темни очила се викала Александра Доклевска. Тоа го видовме на прилог во дневникот на Сител - прилог што беше новинарство од најмизерно ниво.
Сител досега одработуваше со молчење - сега одработува стручно! Интересите на газдата пред се!

Кога тргнав кон споменикот видов некакви плакати залепени на непрописната ограда од градилиштето!

Мислев дека конечно истакнале прописна информативна табла, но не...


Дај дијазепамче! Тоа бил транспарент за нивната вистина!
Стриктно наменета за медиумите и злоупотребените граѓани!

А во време на почетокот на закажаниот протест, местото каде требаше да биде центарот на протестот и каде требаше да врие од загрижени комшии - изгледаше вака:

Повеќе присутни имаше од контра-протестантите (платеници) отколку од протестантите (волонтери)!
Дај дијазепамче за оваа глетка на тимот што повторно победува!

Еден од комшиите успеал да ги најде своите документи од дозволата за градба и еве, (таа-даааа), уште еден доказ за корупција во процесот на денационализација!


Датумот на Условите за градба и прикажаната скица, јасно говорат дека тука некој фалсификувал, затоа што барателите за денационализација, на Комисијата за одлучување по барањата за денационализација со седиште во општина Карпош, и приложиле документ: Услови на градба бр. 16-1862/2 од 11.07.2002 година, во кој стоело нешто друго (паркинг?) за спорниот простор, наместо номинацијата: Детско Игралиште, па така Комисијата одлучила дека за спорната локација немало јавен интерес, по член 10 од Законот за денационализација.

Дај дијазепамче! Значи, на барем двајца од нас, комшиите, регуларно и подоцна, им се издадени Услови за градба кои се поинакви од оние што “ги добиле“ наводните сегашни инвеститори!

Сега, кога ова ни го открија, нашите нови несудени јавни комшии и нивните тајни, заштитени партнери, ќе мора да одговараат на прашањата поставени од Народниот правобранител и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во меѓувреме се прошетав по околината и го видов ова:

Дај дијазепамче!
Полициското комбе очекуваше муштерии но, на крајот си замина без нив.
Та, не сме ние Турци - раја сме!
Најпосле, околу 12 и половина часот, требаше, се чини, настанот да почне. Излегоа двајца од нашите комшии на мексиканскиот споменик и на разглас ги соопштија своите напишани барања пред, (дај дијазепамче), за организаторите, неочекувано, малиот број насобрани граѓани.


Нивниот настап беше добар и јасен, но се чинеше дека е мошне краток.

Кога настана некоја непријатна дијазепамска тишина, јас под дејство на класична клиничка непресметливост се јавив за збор и почнав да зборам нешто што немаше никаква поента.

Бидејќи бев под силна трема и без претходна намера и подготовка да зборувам, а и затоа што морав да кажувам нешто што сите присутни го знаеја, го оставив микрофонот скиснато и без аплауз/глорификација - рефлекс на скиснатите фаци кои одоздола ме гледаа. (Дај сега доза на лексилиум!)

Ситуацијата ја спаси малото четиригодишно комшиче Давид, кое се јави за збор, и покрај тремата, успеа да каже дека не сака игралиштето да му го срушат!


Имаше тука потоа и уште по некоја изјава за некој од медиумите (МТВ) и најпосле: настап на една раперска група (Длабока тага) која го поздрави активизмот а нивниот фронт-мен кажа дека ова што ни се случува овде (парафразирам) е затоа што сите сме биле незаинтересирани кога истово се случувало на друго место, на друга улица...


Од целиот овој настан со протестот и моето инволвирање во него, од кој сите највклучени во организацијата добија напад на депресија, затоа што претпоставувам, очекуваа многу поголемо присуство на луѓе (комшии пред се), јас пак, лично, најмногу спечалив од разговорот со еден од раритетните загрижени граѓани дојден на протестот од соседното маало.

На коментарот дека пишувам на блог за оваа тема и дека сум бил на “инвеститорска“ прошетка да видам добри места за инвестирање во нашава најблиска околина, тој ме упати на овие локации, кои јас сепак најдов време, во онаа пладневна депресивна лексилумска атмосфера што владееше на игралиштето, да ги посетам/видам.

Мојата голема грешка од минатата прошетка била што сум тргнал в лево, а сум требал в десно, да излезам на главната улица Варшавска и да стигнам на кружниот тек пред гимназијата Ѓорѓи Димитров (секоја чест на градоначалникот за овој кружен тек!).

Тука, на големо се гради - веројатно затоа што нема кој да протестира.
Наспроти зградата што сега е во стадиум на изградба на приземје, зградата одзади (оформена карабина) нема информативна табла. Не е ни чудо, затоа што дознав дека ја изведува, неофицијално, истата градежна фирма што го гради и нашиот комшиски објект среде игралиштето (Деа-Ком ДОО Гостивар). 

Дијагонално наспроти овие згради од сликата погоре, се наоѓа паркот за кој што е предвидено, со новиот ДУП, делумно да се елиминира, и на негово место да се постави стамбено деловен објект од приземје и 4 ката, висок до венец 15,5 метри!
Овој тревник и запуштеното детско игралиште вам ви личи на празен простор, но ова ќе биде всушност големо градилиште, што излегува на улицата Букурешка (зад втората руска зграда). Тука ќе има дури две големи стамбени згради со ист габарит и намена како онаа што е сега пред амбулантата (со сина фасада).
Овој објект, веднаш до овој простор, е започнат на сличен начин како и нашата легална градба - со обезбедувачи од приватна агенција.
За разлика од кај нас, тука барем имаше прописна информативна табла и прописна ограда.
Работниците беа желни да го заработат својот леб на секој можен начин - веднаш ме испрашуваа зошто фотографирам!
Кога ќе биде готов објектов треба да има најмалку приземје плус три ката и поткровје! (13,5 метри)

Непосредно до оваа зграда во градба сега ја имате оваа слика: дрвја, тревник и куќичка - собиралиште за комшиите. Кога се тука собрани комшиите очигледно прават договори за опструкции на новиот урбанистички бум на нашиот градоначалник.
Затоа предвидено е на ова место сето ова да се посече и сруши за да се изгради стамбен објект со приземје, три спрата и поткровје, висок до венец 13,5 метри.

После оваа слика, признавам, нешто во стомакот ми се случи, заради што морав да си заминам итно, по најкусиот пат до дома - не гледајќи “инвеститорски“ ниту лево, ниту десно.

Ми се смачи! Во иднина за мирен влез во Тафталиџе 1 на сите нас ќе ни биде задолжително потребно в џеб да носиме барем по една доза на, или диазепам, или лексилиум - лаксативите добро би дошле - но не се задолжителни!

5 коментара :

  1. Te molam trgni gi moite sliki vo sprotivno ke sleduva tuzba priljatele

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Здраво Александра,

      Велите: “...trgni gi moite sliki...“

      И Вие, како и сите други читатели, треба да знаете дека сите фотографии што се постирани на мојот блог се оригинално мои, освен оние покрај кои ќе биде наведен друг автор или извор.

      Велите: “...vo sprotivno ke sleduva tuzba priljatele.“

      Тужете, Ваше е тоа право.

      Моите генералии ги имате тука: http://melitagoraizivotpokrajpcelite.blogspot.com/p/blog-page.html

      Избриши
  2. Zitelite od taftalige znaat deka ako sega uspeete so sila da ni go oldzemte imotot koj sto e od nasiot dedo i pradedo deka utre so vasata alcnost ke posegnete i po nivnite imoti.I tie za razlika od vas znaat dda ja pocituvaat sopstvenosta .

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Здраво Александра,

      Не ја познавам димензијата на Вашата инелигенција, но од она што го тврдите, веројатно е стократно поголема од мојата. Јас не знам ниту што знае мојата сопруга, камоли сите жители на една скопска населба, како што се Тафталиџе 1 или 2.

      А другата идеја што ја имате за одземање на Вашиот имот... За тоа има постручни од мене да дијагностицираат - од она малку што се разбирам во психијатрија, мене ми се чини дека Вашата изјава постирана во полево за коментари е симптом на параноидна шизофренија.

      За оваа дијагноза можете да Гуглате а повеќе можете да прочитате и тука: http://www.fb.uklo.edu.mk/aktivnost%20Dragana/shizofrenija%20i%20paranoja.pdf

      Избриши
    2. Која сопственост сред парк да градите зграда? Во срцето на детското игралиште каде што сме играле како деца? Вие сакате да им ја одземете иднината нам и на нашите деца. Г-ѓо Доклевска вие сте алчната во случајов. Алчна за метри квадратни бетон, на грбот и здравјето на нашите деца. Кој кантар вашата алчност ќе ја измери?

      Избриши